Подготвил: Зоран Ѓоршоски

Годината 2020 ни донесе многу радост на фудбалски репрезентативен план. Нашата најдобра репрезентација направи фантастичен успех, се пласира на ЕВРО 2021. Донесе еуфорија по победата во Тбилиси над Грузија на 12 ноември со 1:0. Цела Македонија беше на нозе, и покрај пандемијата со Ковид-19, сепак излеговме на улиците во сите градови на државата да го прославиме тој успех. Остварен е сонот на кој чекавме три децении.

Затоа секоја чест на репрезентативците и селекторот, но веднаш треба да се каже дека до тоа немаше да дојде ако не беа супер условите кои тие ги имаа од страна на Фудбалската федерација на Македонија на чие чело е Муамед Сејдини.

Токму Сејдини за СПОРТМЕДИА говори за 2020 година, за тоа дали повторно ќе се кандидира за нов мандат за претседател на ФФМ, за тоа кој ќе биде селекторот кој што ќе ја предводи репрезентацијата на ЕП во јуни -јули, но и за многу други работи.

-Господине Сејдини, како вие ја оценувате 2020 година, секако низ призмата на пласманот на ЕВРО 2021.

“Секако дека најмногу ќе ја паметам по остварување на сонот, не само  на оваа генерација туку и на многу генерации претходно, а тоа е пласман на ЕВРО 2021. Како фудбалери, како селектори, како луѓе поврзани со мак – фудбалот, сите ние го остваривме тој сон. Секако заедно со сиот народ кој што живее во нашата држава. Благодарност до сите кои ни дадоа поддршка, благодарност и до најмалото дете кое седеше пред малите екрани и навиваше за нашата репрезентација“.

-Таа подршка многу им значеше на Пандев и останатите…

“Јасно е дека тоа многу им значеше на нашите фудбалери, посебно ако се знае дека тие таа поддршка ја добија од целиот народ во Република Северна Македонија“.

-Пласманот на едно големо натпреварување и подобрување на инфрастуктурата беа вашите приоритети?

“Приоритетие кои ги дадов пред себе, тоа го кажав и за други медиуми, на моето излагање првпат како претседател на ФФМ, главна цел ќе ни биде пласман на едно големо натпреварување и подобрување на инфраструктурата. Првото, даде Господ и се оствари, а второто сме во добра реализација на многу проекти места низ државата, многу градови и многу клубови. Сакаме секаде да инвестираме, да помогнеме. Сметам дека во најголем дел, можеби 80% што ни беше замислено од овој краток период откако сум претседател, направивме многу проекти. Неколку се завршени, неколку се во изградба и за веројатно за четири – пет месеци и тие што се започнати ќе завршат како што се проектот во Охрид, во Кавадарци. Тука да кажам дека за разлика од минатото како што имало примери, ние бараме од изведувачите стриктно кога тој проект ќе биде завршен. Ова се главните работи кои ме радуваат за оваа 2020 година. Ништо нема случајно во фудбалот, се ова што го наброив е производ на една добра смислена фудбалска политика“ вели Сејдини.

-Можете ли да ни кажете на што прво помисливте кога судијата во Тбилиси означи крај, а тоа значеше и пласман на ЕП?

“Прво нешто што помислив по крајот во Тбилиси? Тие моменти не можат да се опишат. Во тој прв момент си во грч, не знаеш што да размислуваш, дали да плачеш од среќа, дали да се радуваш, тоа беше преголема радост. Верувајте ми кога го гледам цел Управен Одбор, мојот тим соработници, со солзи радосници во очите, навистина и сега кога го кажувам ова просто се ежам што се вели.

Прекрасни моменти. Кога сме кај репрезентацијата да кажам дека ние во 2017 година игравме на ЕП за селекции до У-21. Голем дел од тие дечки што играа таму, сега се носители на играта на репрезентацијата. Секако дека тука се Пандев, Несторовски, Алиоски и другите.. кои се прекрасни личности, со карактер. Дадоа се од себе, тие се главните актери кои што нас не израдуваа сите. Мене како претседател, а и сите останати кои живеет во нашата држава“.

ГО ОБЕДИНИВМЕ НАРОДОТ ВО НАШАТА ДРЖАВА

-Успесите на репрезентацијата го обедини народот во државата, секако дека сте среќен поради тоа?

„Многу, многу среќен. Среќен и горд. Знам дека цел народ навиваше за Македонија, посакуваше успех на Македонија. Без разлика дали тоа се Македонци, Албанци, Турци, Роми или било која друг кој што живее во нашата држава. Ме радуваше тоа што сите излегоа да го прослават пласманот на ЕВРО. Без разлика дали тоа беше во Струга, Штип или Струмица. Очигледно е дека фудбалот и успесите на репрезентацијата ги обедини сите во Македонија. Кажав и ќе повторам, да даде Господ државата да ни оди напред како што ние во моментов правиме успеси.“

-ФФМ во време на тешка корона криза донираше во неколку наврати, а донираше и три комбиња во Градската болница во Скопје. Велат рака што дава не се суши, можеби и затоа среќата беше со нас во Тбилиси?

„Којзнае, можеби. Ние како ФФМ, како институција сме социјално одговорни. И не само со тие три комбиња, треба да се знае, ова нека не се сфати како фалење, ние сме донирале средства таму каде што е најпотребно. На фудбалери, некогашни тренери, спортисти, не сме вратиле никого ако станува збор за здравјето на таа личност. Пред се е човекот и негово здравје. Токму затоа со потпретседателот Лазар Ракиџиев и со одлука на целиот УО, решивме да ги донираме тие комбиња, за да дадеме поттик и на другите кои се во можност да помогнат да се спасат човечки животи во ова тешко време. Ако сме спасиле барем еден човечки живот сме ја исполниле целта“.

ПРВО ЌЕ РАЗГОВАРАМЕ СО АНГЕЛОВСКИ, ИМАМЕ И ПЛАН “Б“

-Јавноста, а и сите ние кои сме во фудбалот, сме силно заинтересирани за тоа кој ќе ја води нашата репрезентација на ЕП. Дали тоа ќе биде Ангеловски или некој друг. Се шпекулира со името на Благоја Милевски?

“Денеска сме 31 декември и денеска истекува договорот со господинот Игор Ангеловски. Можам само да повторам, јавноста да знае, да сум јасен по тоа прашање. Приоритет број 1 има актуелниот селектор, сите работи ќе ги ставиме на маса и ако се договориме ја продолжуваме соработката. Ако не се договориме тогаш одиме на планот “Б“. Името не го кажувам сега, но јавноста знае најдобро да оцени за кого станува збор“ објасни првиот човек на ФФМ.

ЌЕ ОДИ ЛИ СЕЈДИНИ ПО НОВ МАНДАТ?

-Годината 2021 е изборна година, дали Муамед Сејдини ќе се кандидира за нов мандат за претседател на ФФМ?

„Кога во 2019 година кога се кандидирав тоа го направив зошто бев потикнат од сите општински фудбалски сојузи, кои ми ја дадоа поддршката. Ако тоа се случи повторно, зошто да не. Можам да осетам дали сакаат или не јас пак да бидам претседател, па затоа следуваат разговори со општинските сојузи, па потоа ќе донесам одлука“.

-Кои се амбициите за тој, евентуално, нов мандат?

„Сонот мој или проектот на мојата кариера, е да се изгради еден добар, квалитетен стадион со капацитет од 10.000 до 12.000 гледачи. Локацијата би била во близина на Фудбалската федерација и тој да биде изграден од нејзина страна. Тоа го замислувам како проект на мојата кариера. Тој проект ако почне секако дека ќе потрае, но навистина ќе се обидам да го „истуркам“ што се вели.

ГОРДИ СМЕ И НА У-21 РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА

-Како го оценувате второто место во квалификациската група на У-21 репрезентацијата?

“Горди сме на нашите наджи. Малку недостигаше оваа 2020 да биде совршена, тоа ќе беше шлаг на тортата ако и У-21 успееше дојде до пласман на ЕП. Навистина имаме прекрасна генерација. И ова е голем успех. Селекторот Благоја Милевски го охрабрувам, му се заблагодарувам за се што направи за Фудбалската федерација. Со него бевме на ЕП 2017, сега бевме на прагот на уште еден фантастичен успех. Од наша страна тој резултат ние не го заборавивме. Ги наградивме со премија, да не бидат заборавени. Да знаат дека ФФМ се грижи за сите кои што се дел од нејзе“.

СЕЗОНАТА 2019/2020 НЕ СЕ ДОИГРА ДО КРАЈ

-Веројатно има и лоши работи во 2020 година што се случуваа или не така добри. Една од тие е тоа што сезоната 2019/2020 не се одигра до крај?

“Како човек сакам лошите работи да ги заборавам што побргу. Факт е дека имавме такви моменти, кога Фудбалската федерација буквално беше доведена до ѕид. Имавме многу проблеми внатрешни, кои кога во првиот момент ги осетив во истиот момент во рок од 24 часа јас ги пријавив до Основното обвинителство и до финансиската полиција, која си има своја истрага. Инстуциите ја тераат својата работа. Секако дека жалам за тоа што не успеавме да ја завршиме минатата сезона.

До последно имавме неколку состаноци со клубовите, инсистиравме да ја продолжиме сезоната, се сеќавате дека прво имаше прекин во март, а потоа во мај – јуни сакавме да ја продолжиме. Но кога се зголемија бројките на позитивни на Ковид-19, сите станавме свесни дека со пандемијата нема играчки. Па така со согласност од клубовите моравме и дефинитивно да ставиме крај. Ние секоја одлука за клубовите ја носиме заедно со нив, така работи оваа гарнитура која се наоѓа на чело на ФФМ. Ние научивме да ги слушаме клубовите кога се во право, и ја затоа ја прекинавме сезоната, ја замрзнавме табелата“.

-Дали и за вас беа чудни резултатите на некои мечеви од 18 коло?

“Јас лично не можам сите натпревари да ги гледам, да ги анализирам. Гледам по еден меч во секое коло, тие што се даваат на МТВ 1 и МТВ 2, на Арена спорт. Затоа не можам да давам посебни коментари. Затоа на секој натпревар си има службени лица, па ќе ги видиме нивните извештаи“ дециден е Сејдини.

За крај секако дека првиот човек на ФФМ не заборави да им ја честита новата година на читателите на СПОРТМЕДИА, но и на сите граѓани на нашата држава да им посака се најубаво.

“Прва желба ми е да го вратиме нормалниот живот, се надевам дека ова со Ковид-19 набргу ќе биде крај. Потоа на трибините да се вратат гледачите, а секако дека централен настан ќе биде нашиот настап на ЕП. Се разбира, на сите спортисти, фудбалери, на сите граѓани на нашата држава им посакувам многу радост и среќа во 2021 година“ заврши Муамед Сејдини.