Европската куќа на фудбалот (УЕФА) го состави тимот на најдобри млади фудбалери кои ја одбележаа Лигата на шампионите во календарската 2020 година. При изборот се земени следните критериуми: Фудбалерот да не е постар од 24 години, да дебитирал во ЛШ во 2020 или пак минатата година, а во оваа да има забележителен напредок.

ГОЛМАН
АНАТОЛИ ТРУБИН, 19 ГОДИНИ (ШАХТЈОР)

Стартуваше на речиси сите натпревари на Шахтјор во групната фаза во сезоната 2020/21, а притоа на три меча ја сочува мрежата недопрена.

ОДБРАНА

КРИСТИЈАН РОМЕРО, 22 ГОДИНИ (АТАЛАНТА)

Централниот бек го крена нивото по трансферот од Јувентус, а стана клучен фудбалер во играта на Аталанта и вистински командант на дефанзивниот ред.

ЗАИДУ САНУСИ, 23 ГОДИНИ (ПОРТО)

На левиот бек му легна позицијата во Порто. По трансферот од Санта Клара, бргу се снајде во некогашниот европски шампион, а пропушти само 13 минути во групната фаза од ЛШ оваа сезона.

ЖУЛС КУНДЕ, 22 ГОДИНИ (СЕВИЉА)

Класичен централен бек кој доаѓа од Франција, а игра важна улога во екипата од „Санчез Писхуан“ предводена од Жулен Лопетеги. Постигна и убав гол против Рен во 6 коло од групата.

АЛФОНСО ДЕЈВИС, 20 ГОДИНИ (БАЕРН)

Маестрални настапи на Фајнал 8 во ЛШ минатата сезона, а се промовира и во стандарден играч и во новата сезона. Има потенцијал да стане еден од најдобрите бекови во Европа.

СРЕДЕН РЕД

ПЕДРИ, 18 ГОДИНИ (БАРСЕЛОНА)

Офанзивниот играч за врска дебитираше во октомври и постигна и гол. Дојде во Барса од Лас Палмас.

ЏАД БЕЛИНГЕМ, 17 ГОДИНИ (ДОРТМУНД)

Во јули од Бирмингем се пресели во Борусија Дортмунд. Тој игра на повеќе позиции, а Дортмунд во него доби одличен фудбалер. Ги одигра сите шест натпревари во групата.

ЏОВАНИ РЕИНА, 18 ГОДИНИ (ДОРТМУНД)

Одлично ја чита играта, има чувство за простор и ги „храни“ напаѓачите со топки. А и самиот  постигнува голови, ако ги погледнете повеќето се  и ефектни голови.

ДОМИНИК СОБОСЛАИ, 18 ГОДИНИ (САЛЦБУРГ/ЛАЈПЦИГ)

Офанзивниот играч веќе направи трансфер од Салцбург во Лајпциг. За австрискиот тим остави силен белег, го видоа и во Лигата на шампионите, па многу клубови го посакаа во своите редови. Сепак изборот на Унгарецот беше Лајпциг.

НАПАД

ДИОГО ЖОТА, 24 ГОДИНИ (ЛИВЕРПУЛ)

Претходно не играше главна улога во Порто, но по трансферот во Англија, прво во Вулверхемптон се препороди. Ливерпул го виде тоа и го донесе на „Енфилд“, а тој игра импресивно. Реализираше и хет-трик против Аталанта во 3 коло од групната фаза.

МАРКУС ТУРАМ, 23 ГОДИНИ (МЕНХЕНГЛАДБАХ)

Синот на попознатиот Лилијам Турам беше стартер на сите натпревари за Менхенгладбах во групната фаза. Со двата гола против Реал Мадрид го сврте вниманието, а сега останува да продолжи да се развива и да игра на високо ниво.