Подготвил: Зоран Ѓоршоски

Аријан Адеми, скромното момче кое потекнува од тетовско, родено во  Шибеник. По наговор на неговиот братучед Агим Ибраими, ја прифати поканата да игра за Македонија и како што вели самиот, не погреши. Со своите другари Пандев, Нестор, Алиоски, Ристовски, Барди.., го исполни својот детски сон, се избори за настап на едно големо натпреварување со репрезентацијата.

Познат во нашата јавност и како ЛАВОТ АДЕМИ, зошто и повреден играше без проблем. Секогаш го дава својот максимум. Нема што, после Пандев тој е нашиот клучен играч. Рационален, максимално корисен, знае фудбал и тоа како. Токму таков профил на играч ни беше потребен долго време, и за наша среќа го најдовме во Аријан.

Капитен, легенда, рекордер на Динамо Загреб. Најмногу титули со неговото име се врзани, најмногу евро настапи за “модрите“. Тој е вистинска икона во Динамо, во тамошната елитна лига.

Ете причина зошто СПОРТМЕДИА се одлучи за мега – интервју со Адеми.

-Потекнувате од Македонија, од тетовско, но сте родени во Шибеник, во градот на кошарката, во градот на Дражен Петровиќ. Зошто фудбал а не кошарка? Какво детство имаше Аријан?

-Шибеник е посебен град, кој е познат не само по спортот туку и по музиката. Тоа е град на кој секогаш ќе ме врзуваат прекрасни спомени. Па таму ми е моето семејство, секогаш радо ќе се враќам во Шибеник. Премлад сум да го паметам Дражен, но знам каков статус тој има, тој е икона на градот. Сепак фудбалот секогаш ми бил првиот избор и тоа уште како дете. Сега ми е драго што тргнав по тој пат. Детството ми беше супер, токму онакво какво што треба да биде во град покрај море. Сите едвај го чекавме летото да би уживале во магијата која ја носи морето“.

ГОРД СУМ ШТО ИГРАМ ЗА ЗЕМЈАТА НА МОИТЕ ДЕДОВЦИ

-Еднаш рече дека си горд што играш за земјата на своите дедовци. За Македонија?

„Сите ние мораме да знаеме од каде потекнуваме и кон тоа да се однесуваме со респект. Јас навистина сум горд на секоја минута во дресот на Македонија и многу им благодарам на сите кои ми ја дадоа таа можност да го остварам сонот, а тоа пласман на едно големо натпреварување“.

-Кога твојот роднина Агим Ибраими, инаку наш некогашен репрезентативец и еден од најдобрите фудбалери во последните 15 години, те наговори да играш за Македонија, дали навистина помисли дека ние, како Македонија, можеме до ваков успех?

“Како прво морам да кажам дека Агим одигра голема улога во тоа да јас играм за Македонија. На почетокот ми помогна да се вклопам, адаптирам и на тоа за него едно големо – БЛАГОДАРАМ. Да, навистина верував во тоа. Ако ти како играч не веруваш, тогаш кој ќе верува. Знаев дека имаме квалитетна репрезентација. Беше потребно само некои коцки да се поклопат и тие се поклопија на задоволство на сите нас. Пласманот на ЕП е заслуга на сите нас“.

СРЕЌАТА НА НАШИТЕ ФАНОВИ НЕ МОЖЕ ДА СЕ КУПИ СО НИКАКВИ ПАРИ НА ОВОЈ СВЕТ

-Што за тебе значи пласман на ЕВРО?

“Да го тргнеме на страна што за мене тоа значи, веќе реков дека со тоа го остварив својот сон. Мене ми е многу поважно што тоа значи за народот во Македонија. Онаа среќа и гордост, по пласманот на ЕП, што можеа да се видат на лицата на нашите навивачи не може со никакви пари на овој свет да се купат. Секако дека сум горд што заедно со моите соиграчи им дадовме причина тие луѓе да бидат среќни и задоволни“.

-Што прво ти падна памет кога во Тбилиси победивме на тој историски меч за пласман на ЕП?

„Прво се свртев околу себе и ја погледнав реакцијата на своите соиграчи да се уверам дека навистина тоа ни се случува нам, дека навистина одиме на ЕП. Во истата секунда потоа бевме прегрнати и тоа е момент на кој вечно ќе се сеќавам. Сигурен сум дека во годините што доаѓаат  Македонија ќе биде подобра, дека ќе има уште пласмани на големи натпреварувања, но првото ќе се памети“.

-Дали си задоволен од висината на премијата која ФФМ ја одреди за за вас репрезентативците по повод пласманот на ЕП? Познато е дека ФФМ, а посебно водечките луѓе на нашата фудбалска федерација, сторија се да ваков успех може да се реализира?

“Секако дека тоа го направија и ние сме задоволни. Е, сега за парите. Се сеќавате ли на мојот одговор на прашањето што сум помислил како прво кога судијата означи крај во Тбилиси? Е, па вака, би ги дал сите пари кои ги заработивме за уште такви моменти, такви секунди на емоции кои ги имаше цела Македонија после нашиот пласман на ЕП“.

АНГЕЛОВСКИ ПРВ МЕ ВРАТИ ВО “ИГРА“, ПАНДЕВ Е ВЕЛИЧИНА, НИКОЛОВ Е МОЈОТ ЦИМЕР

-Првиот меч по твоето враќање во фудбалот беше против Лихтенштајн. На тој меч во Струмица даде гол, а потоа истрча кон селекторот Ангеловски да го прославиш. Зошто токму кон него и твој коментар за него?

„Јасно е дека се сеќавам на тој меч. Видете, селекторот ме повика иако цели две години бев надвор од фудбалот и уште ме стави во игра. Со тоа ми покажа колку ми верува, иако јас не бев сигурен колку можам, дали ќе се вратам на старата форма. И затоа му се заблагодарувам. Исклучително го ценам Ангеловски, ме повика кога ми беше најпотребно и затоа сум му многу благодарен. Создаде репрезентација која не зависи од неколку поединци, туку тоа е тим. Било кој да игра, Македонија победува. Нема што, тој е тренерска величина“.

-Твој коментар за Горан Пандев?

“Па, нема ништо ново да кажам нешто што веќе се знае. Играчка величина, легенда, а најмногу му се восхитувам што во тие години игра на највисоко можно ниво“.

-Кој е твојот цимер во репрезентацијата?

“Во последно време бевме сами во соба поради мерките со коронавирусот. Инаку мој цимер е Бобан Николов. Одличен дечко, пријател, другар, одличен фудбалер“.

ЛАВОТ АРИЈАН АДЕМИ

-Во Македонија те нарекуваат ЛАВОТ АДЕМИ, после Пандев си најпопуларен играч во репрезентацијата. Дали тоа ти годи?

“Уф, па јасно. Посебно кога доаѓа од нашите луѓе. Сега на мене ми останува да дадам се од себе и да Македонија продолжи да победува“.

-Што можеме на ЕВРО, играме против Австрија, Украина и Холандија? Што можеме во квалификациите за СП 2022 и тоа против Германија, Романија, Исланд, Ерменија и Лихтенштајн?

“Уверен сум дека можеме да направиме големи работи на ЕВРО, треба да се верува во себе. Треба нашите фанови да веруваат во својата репрезентација. Додека во квалификациите за СП не треба премногу да се оптоваруваме со имињата на противнициите. Ние ќе дадеме се од себе. Ако ние не сме вистинските тогаш не можеме да очекуваме и факторот среќа да биде со нас. Ќе бидеме уште подобри, поискусни, верувам дека си имаме и ние свои шанси во оваа квалификациска група за СП.“

ЈАС СУМ ДОСАДЕН ТИП….

-Во повеќе наврати имаш истакнато дека 2020 е најдобрата година за тебе, година за паметење. Зошто е така?

“Па, во оваа година имав некои животни и спортски случувања и успеси кои не можат да се надминат. Станав татко на малиот Адријан и тоа ме исполни во човечка смисла. На тоа се надоврзаа успесите со Динамо кој освои уште една титула првак на Хрватска, потоа имаше и  одличен настап во Европа. Секако дека тука е успехот со Македонија, нашиот пласман на ЕП. Навистина оваа 2020 за мене беше година за паметење“.

-Како се чувствува сега капитенот на Динамо после 10 години, после сите тие силни рекорди, успеси, фантатистични резултати, трофеи за “модрите“ од Загреб?

„Гордо, како прво.Во денешниот фудбал тешко е да се опстане успешен долго време, иако кај мене имаше сплет на некои околности, но на крајот се се заврши како што треба. Не жалам за ниту еден момент кој го посветив на Динамо и на се она што го направив во дресот на овој клуб. Некој можеби би се заситил со текот на времето, но јас сум уште оној Адеми од почетокот на приказната, полн со ентузијазам на секој тренинг, на секој натпревар“.

-Што очекува Аријан од 2021 година?

„Како прво очекувам и посакувам да се смири ситуацијата со пандемијата, гледачите да се вратат на стадионите. Кога ќе се исполнат тие услови тогаш можеме да говориме за фудбалот. Посакувам здравје за сите, па годината да ни биде среќна и весела“.

-Не знаеме ништо за Аријан на приватен план?

“Па така и нека остане. Не сум личност која својот приватен живот го изнесува во медиумите. Немам социјални мрежи. Накусо, јас сум досаден тип…ха, ха, ха“.

-Сосема за крај. Како мал дали Аријан имаше некој свој идол, кој беше тоа?

“Нико Крањчар, фудбалски романтичар. Иако јас сум тешка спротивност од него, јас растев гледајќи ги неговите потези на теренот. Тој беше мојот идол“ заврши Аријан Адеми.