*Животот ми се промени целосно. Тука се игра брза и физички посилна кошарка за разлика од Европа. Тука многу поразлично гледаат на работите.

*Многу е тешко да се добие доверба од тренерот како „фрешмен“ кој доаѓа од Европа. Тие ми дадоа поддршка уште од самиот почеток, но морав да се изборам за мојата минутажа.

*Се надевам дека ќе имам можност да дојдам во февруари, бидејќи чест и задоволство ми е да играм за мојата држава“.


✍️ Подготви: Марија Ковачева

Кошаркарска Македонија нема со што многу да пофали за 2020 година. Од оние малку позитивни работи, на прво место е најголемата надеж Андреј Јакимовски. Македонскиот репрезентативец од Италија се пресели во Америка, тој е дел од Вашингтон Стејт колеџот и игра во НЦАА-лигата.

Ова момче кое се најде на мета и на други европски клубови плени со својата скромност, цврсто чекори по земја, не сонува за големи работи, неговата единствена желба е да го служи здравјето и постојано да напредува.

Токму вакавиот начин на размислување, упорноста и вербата, му донесоа место во стартната петорка во голема конкуренција, а заедно со своите соиграчи засега немаат пораз, имаат осум победи во исто толку одиграни натпревари.

Јакимовски за СПОРТМЕДИА ги сподели првите впечатоци од животот во Америка…

🏀 Направи голем чекор во кариерата, заигра во НЦАА-лигата за тимот на Вашингтон Стејт. Што значи да си дел од оваа лига?

„Да се одлучив за Вашингтон Стејт, имав неколку понуди од Европа, мислам дека го направив правилниот потег. Засега сум задоволен од тоа што го прикажав и секако многу ми значи да се натпреварувам во НЦАА-лигата, и секако во Пацифик 12 конференција која е една од најдобрите во Америка, ако не и најдобра“.

🏀 Колку ти се промени животот, навиките и начинот на играње на кошарка? Сигурно има разлика меѓу европската и кошарката во Америка?

„Животот ми се промени целосно. Тука се игра брза и физички посилна кошарка за разлика од Европа. Тука многу поразлично гледаат на работите, да почнам од видео-анализа, се обрнува многу внимание на дефиниција на телото, тренинзите можат да траат и по три до четири часа зависи.

Што се однесува за надвор од терените, тука културата и начинот на живеење е поразличен, на почетокот тоа ми беше многу чудно, но се навикнав и сега се како што треба“.

🏀 Што беше најголем проблем за тебе на почетокот?

„Најголемиот проблем ми беше да се навикнам на нивниот стил на игра, на почетокот доста се фокусирав на одбраната, до сега сум задоволен од тоа што го прикажав дефанзивно. Сега фокусот ми да бидам поагресивен во нападот и да креирам игра за моите соиграчи.

Надвор од него, најтешко ми беше факултетот, имавме он-лајн часови, ми требаше време да се навикнам на овој начин на функционирање, но и таа пречка ја совладав и успешно го завршив првиот семестар“.

🏀 Колку е тешко да се добие довербата кај тренерот, да се избориш за минутажа? Се чини кај тебе процесот оди побрзо, веќе стана дел од стартната петорка?

„Многу е тешко да се добие доверба од тренерот како „фрешмен“ кој доаѓа од Европа. Тие ми дадоа поддршка уште од самиот почеток, но морав да се изборам за мојата минутажа. На првите натпревари имав многу мала минутажа и секако не бев задоволен, но со текот на времето успеав да добијам доверба кај тренерот и сега сум дел од стартната петорка, но тоа не ми цел. Имам многу поголеми цели, останува да работам уште понапорно и да бидам подобар играч секој ден“.

 

🏀 Како те прифатија во тимот. Дали претходно слушнале за Македонија?

„Во тимот ме прифатија супер, и тренерите и соиграчите . Имаме многу добра хемија меѓу нас и мислам дека резултатите можат да го покажат тоа. За Македонија, искрено немаа слушнато, но кога ќе им објаснам дека се наоѓа близу до Србија или Грција, имаат претстава каде се наоѓа“.

🏀 Како во целиот свет, така и таму пандемијата коронавирус е присутна. Кои мерки се превземаат во спортот?

„Се води голема грижа во време на пандемијата. Се тестираме секој ден во осум часот наутро. На денот на натпреварот пак не тестираат во шест часот наутро, што пак е физички тешко, не е лесно да станеш да ден на натпревар толку рано и да бидеш фокусиран на дуелот што те чека“.

🏀 Што ти се допадна најмногу од она што го нуди Америка?

„Најмногу ми се допадна менталитетот на луѓето, особено оние кои работат на овој колеџ, бидејќи постојано се фокусирани и сакаат да работат со тебе, ти ги нудат сите можни услови за твојот напредок. Многу е професионално, приближно до НБА-лигата и мислам дека многу малку екипа ги имаат овие услови кои ги нуди Вашингтон и НЦАА-лигата. Секако тука има можност да ме видам многу менаџери од НБА-лигата и од Европа“.

🏀 Беше дел од квалификациите за ЕП во феверуари, но поради сложената ситуација, не дојде на ноемврскиот собрир. Дали мислиш дека Македонија има шанси да го обезбеди тоа место на ЕП иако пеколен распоред во февруари треба да одигра четири меча?

„Мислам дека имаме шанси да обезбедиме место на ЕП иако распоредот е многу тежок, се надевам дека ќе имам можност да дојдам во февруари бидејќи чест и задоволство ми е да играм за мојата држава“.

🏀 Што би сакал да ти се исполни во 2021 година?

„Посакувам да ме служи здравје, да имаме успешна сезона. Не сум човек кој сака многу да размислува за иднината. Мојата желба е да напредувам секој ден. На сите останати исто им посакувам многу здравје во Новата Година, тоа е најважно, без него не можеме да функционираме“.