Полјакот Давид Кубацки победи на втората скокалница од Новогодишната турнеја „4 скокалници“. Денеска на скокалницата во Гармиш-Партенкирхен во рамките на новогодишната турнеја Полјакот постави и рекорд.

Кубацки победи со 282,1 поен, прескукнувајќи 139 метри во првата и 144 метри во втората серија, што е нов рекорд. Ова е негова петта победа во кариерата.

Норвежанецот Халвор Егнер Гранеруд го освои второто место со скокови од 137 и 136 метри, со вкупно 274,9 поени. Тој со 555 поени е лидер по две скокланици на новогодишната турнеја.

Трет беше Полјакот Пјотр Жила, кој собра 260,4 поени, со скокови од 129,5 метри во првата и 137 метри во втората серија. Неговиот сонародник Камил Стох го освои четвртото место со скокови од 135 и 132 метри, со 260 поени.

Германецот Карл Гајгер кој победи на првата скокалница во Оберздорф денеска беше петти. Третата станица е во недела во Инсбрук.