Оваа година Македонија, односно нашата најдобра репрезентација ќе биде во големото друштво и тоа за првпат во својата историја. Нашите најдобри фудбалери ќе настапат на ЕВРО 2020 кое се игра од 11 јуни до 11 јули. Едвај чекаме нашата химна да се пее, нашето знаме да се вее на едно големо натпреварување. И тоа ќе биде за првпат на 13 јуни во Букурешт, кога се среќаваме со репрезентацијата на Австрија. Мечот почнува во 18 часот. Во групата “Ц“ играме и со Украина, исто во Букурешт на 17 јуни, а последниот меч од групата за нас е на 21 јуни во Амстердам, и тоа против Холандија.

И веќе кога сме во големото друштво уште отсега, на шест – седум месеци пред стартот на европското првенство, светските а посебно европските обложувалници, ги објавија коефициентите за репрезентациите кога би ја поминале групната фаза, или кога би биле европски шампиони.

Па така Македонија да стане првак коефициентот е 501.00, фаворити се Белгија, Англија и Франција со коефициент 6.50. Следува Шпанија со 7.50, па Холандија со 8.00, Германија со 8.50, Италија и Португалија со 13.00.

Македонија и Финска, според обложувалницте, се најголеми аутсајдери со коефицент 501.00.

Пандев и другарите да ја минат групата “Ц“ и да се пласираат во 1/8 финалето, меѓу најдобрите 16 селекции, коефициентот е 3.40.

Во фудбалот навистина се е можно, па така да се надеваме дека Македонија ќе може да ја мине групната фаза, а тоа значи дека ако уплатите едно евро би заработиле 3.40 евра. За да бидеме први во групата “Ц“ коефициентот е 26.00.

Нели, во фудбалот можни се чудата, посебно кога на терен се Пандев и останатите “Рисови“ од Македонија.