Холандскиот интернационалец Тимоти Фосу-Менса одби да го продолжи договорот со Манчестер Јунајтед и ќе го напушти „Олд Трафорд“. „Црвените ѓаволи“ не успеаа да го убедат 23-годишниот фудбалер за врска да остане па ќе мора да го продаде.

Малата минутажа е причината што фудбалерот роден во Амстердам го напушта Манчестер, а неговата идна дестинација ќе биде германски Баер Леверкузен и покрај интересот од Ајакс. Наводно Фосу-Менса се договорил со Германците, а Јунајтед ќе им го продаде за скромни 1,5 милиони фунти затоа што ако не го направи тоа ќе го изгуби без пари кога ќе му истече договорот.

Фосу-Менса е незадоволен од статусот. Во претходните шест сезони запиша вкупно 30 настапи, а минатата сезона само шест (вкупно), а оваа сезона само три од кои еден во Премиер лигата. Беше позајмуван во Кристал Палас и Фулам.

Фосу-Менса има три настапи и за сениорската холандска репрезентација, а е поранешен играч на младинскиот погон на Ајакс.