Шалке во саботата ја прекина долгата низа без триумф. Клубот од Гелзенкирхен го победи Хофенхајм со 4:0 и се подгреа надежта дека доаѓаат подобри денови за клубот и дека ќе работите ќе бидат помрднати од место. На тој меч хет-трик постигна Метју Хопи, тинејџер од Америка кој го одигра само петтиот натпревар за „сините“.

ГО РАСТУРИ ХОФЕНХАЈМ

Во јуни 2019 година му се приклучи на Шалке, прво во младинскиот погон, па во вториот тим, а оваа сезона доби шанса за првата екипа. А блесна против Хофенхајм. Настап за паметење. Три гола. На 19-години стана само третиот Американец кој реализирал хет-трик во Топ 5 првенствата во Европа. Тоа претходно им успеало само на Клинт Демпси (Фулам) и Кристијан Пулишиќ (Челзи) и двајцата во Премиер лигата. Тоа значи Хопи е првиот американски фудбалер со три гола на еден меч во Бундес лигата.

ЗА АКАДЕМИЈАТА НА БАРСА ДАЛ 29 ГОЛА ВО 23 НАТПРЕВАРИ

Со 191 сантиметри и 19 години Хопи е брз и поседува технички квалитети. Тоа го стекнал додека играл за академијата на Барселона во Аризона, САД. Чудно како Барса не го забележал неговиот ефект 29 гола на 23 натпревари во 2018/19. Шалке го повикал на проба, а решил да го задржи. Минатата сезона Хопи не импресионираше за втората екипа на Шалке со оглед на еден гол во 16 натпревари.

МУ СЕ ОТВОРИ ВРАТАТА ВО ПРВИОТ ТИМ

Проблемите во Шалке, беа шанса за подем на Хопи. Ведад Ибишевиќ беше избркан во ноември, Пасиенсиа се повреди, а велшкиот напаѓач Раби Матондо беше позајмен на Стоук Сити. Па така Хопи беше промовиран во првиот тим во ноември. Тој дебитираше во поразот од Борусија Менхенгладбах со 4:1.

По тренерската смена, Кристијан Грос го забележа талентот на Хопи. Поранешниот стратег на Тотенхем го стави во првиот тим и токму на важен меч во кој Шалке се бореше да избегне антирекорд во Бундес лигата. А Американецот блесна. Европа и целиот свет го виде. Со три гола го потона Хофенхајм. И тоа во период од 21 минута. Се роди искра надеж за клубот од Гелзенкирхен.

ЧЕТВРТИ НАЈМЛАД АМЕРИКАНЕЦ СО ГОЛ ВО БУНДЕС

Хопи е четвртиот најмлад Американец кој реализирал гол во германската најсилна лига. Само Пулишиќ, Џовани Рејна (двајцата за Борусија Дортмунд) и Џош Сарџент (Вердер) биле помлади од него кога ги затресле противничките мрежи во елитната германска лига. А тој е најмладиот американски стрелец на погодок во историјата на Шалке, пред Вестон Мекени кој сега игра како позајмен во Јувентус.