Македонската фудбалска репрезентација две недели е без селектор иако зад себе ја имаме најдобрата и најуспешната година во која националниот тим стигна до пласман на ЕП. Договорот на Игор Ангеловски истече на 31 декември! Селекторот и ФФМ влегоа во непријатен вакум простор кој создаде многу шпекулации од кои двете страни влегоа во непотребни тензии.
Сепак во текот на денешниот ден се случи состанокот на претседателот Муамед Сејдини и селекторот Игор Ангеловски. Федерацијата му понуди нов договор на селекторот со важност до крајот на ЕП. Исти услови – плата од 7.500 евра месечно плус екстра бонуси за успех на самото ЕП.

Тоа значи дека Игор Ангеловски ќе ги почне а нема да ги заврши новите квалификации за СП 2022 и би го водел националниот тим на ЕП доколку ја прифати понудата. Македонија веќе загуби една од приликите за пласман на СП преку Лигата на нациите. Големи беа шансите ако ја победевме Ерменија и бидевме први во групата да бидеме во сериозна игра за двете места од Лигата на нации кои добиваат шанси во разигрувањето за пласман на СП 2022. Но тоа беа денови на еуфорија, на славење и шансата ја пропуштивме исто како и наградата од 2.5 милиони евра од УЕФА.

Оваа понуда на ФФМ до Ангеловски се очекува да биде прифатена со оглед на тоа дека селекторот веќе најави дека финансиите не се приоритет и дека тој ако треба и за безпари ќе прифати да го води националниот тим на ЕП.

Истата плата беше и за очекување со оглед на тоа дека ова е ист циклус кој поради коронавирусот е одложен за една година. Исто така и бонусите се битни затоа што Ангеловски веќе заработи 200.000 евра кои беа во стариот договор како награда за пласман на ЕП.
Преговорите ФФМ – Ангеловски треба да финишираат деновиве кога се очекува и финален одговор од селекторот. Паралелно траат и подготовките за стартот на квалификациите за СП и учеството на ЕП и дуелите со Австрија, Украина (во Букурешт), и Холандија (Амстердам).