Македонската ракометна репрезентација со подмладен лик и нови имиња денеска ќе тргне во Египет, домаќинот на Светското првенство.

Селекторот, Данило Брестовац одлучи да направи поголем чекор во најавените промени во составот, дел од нив доаѓаат на крилните позиции. Ги нема Дејан Манасков и Гоце Георгиевски, па товарот ќе падне на Цветан Кузманоски и Димитар Димитриоски на левата крилна позиција, додека на спротивната стана ќе ги имаме Мартин Поповски и Ненад Костески.

„Сигурно дека имам доверба во нив штом се најдоа на списокот. Не сакам да изгорам никого. Сите ќе добијат шанса, мислам дека сите ќе одговорат согласно задачите. Ме радува што се борат, даваат знаци на позитивни ветришта. Ова Светско првенство ќе им значи многу, ќе биде големо искуство за нив. Нема поголем настан од овој, отворена сцена, имаат добри предуслови да станат добри играчи“, ни изјави Брестовац.

Брестовац имаше краток коментар за Цветан Кузманоски.

„Станува збор за голем талент, одличен играч, дрзок е во играта, останува своето знање да го пренесе на најдобар можен начин на теренот“.

Македонија е во група со Шведска, Египет и Чиле. Првиот меч го играме утре против Шведска

„Ќе биде проблем првиот меч со Шведска, и тие доаѓаат во променет состав, но квалитетен. Имаат играчи кои настапуваат во Бундес-лигата, кои играат за Монпелје. Веќе почнавме во видео-анализа на противниците, ќе имаме време да се подготвиме за овој дуел.

Во секој случај можеме да се надигруваме со секоја репрезентација во светот. По Европското првенство тоа го покажавме, фативме победнички ритам. Сега сме поискусни и позрели, можеме да одговориме техничко-тактички. На Европското првенство имавме промашени зицери, тоа не смее да случи сега, дел од момците имаат поголема минутажа и како што кажав се поискусни“.