Како и на претходните две големи натпреварувања на кои нашата ракометна репрезентација учествуваше, специјално за читателите на СПОРТМЕДИА стручен коментатор и овојпат ќе биде еден од нашите најпознати и најпризнати стручњаци, Ристо Магдинчев. Нашите читатели ќе ја имаат таа чест да прочитаат, од стручен агол, се она што е поврзано со настапите на Македонија на СП во Египет кое започнува вечерва, а за нас утре и тоа против Шведска.

Не треба да се трошат зборови за тоа кој е Ристо Магдинчев. Поранешен тренер на ПСЖ, на Металопластика, на повеќе наши клубови, селектор, а има работено и во С. Арабија и Катар. Сега во моментов е стратег на тимот на Јуниор од скопска Кисела Вода.

Човек, стручњак кој секогаш има што да каже.

-Македонија во последен момент се најде меѓу патниците на СП. Дали е ова добро за нашата репрезентација?

“Да, да, апсолутно. Видете, ние бевме во тренажен процес, имаше некоја надеж, со оглед на тоа дека бевме прва резерва, дека ќе одиме на СП во Египет. Таа надеж од ден на ден беше се поголема, и откако Чешка и дефинитивно откажа, ете ние го продолжуваме  тој континуитет на настапи на големите натпреварувања. Јас сум многу среќен поради ова наше учество на Мундијалот во Египет. Сега ни останува да навиваме за Македонија, очекувам момците да ја искористат шансата, очекувам да го дадат својот максимум.

Ова е добро поради тоа што оваа млада селекција, со повеќе дебитанти во неа, ќе има можност да се здобие со тоа неопходно искуство. Па има ли подобар начин да видиш каде си освен таму каде што и треба, меѓу најдобрите во светскиот ракомет. Секако дека ќе биде чудно ова светско, пред се ќе нема гледачи, ќе се игра пред празни трибини, но убаво е, прекрасно е што и ние ќе сме дел од најголемиот светски ракометен репрезентативен собир“ вели Магдинчев.

-Ќе ги нема Манасков, Георгиевски, Ристовски…?

“Познато е дека оваа репрезентација тренираше изминатите денови не за настап на СП, туку работеше во таа ЕХФ недела што се вели. Одигравме и два пријателски меча со Чиле. Е, сега дојде повикот и затоа сме таму. Познато е дека Манасков имаше здравствени проблеми и пред овој собир, исто и Геориевски. Да, ќе го нема и Ристовски, но затоа шанса добиваат некои други, а овие тројца секогаш ќе бидат тука за во иднина“.

МОЖЕМЕ ДА ЈА МИНЕМЕ ГРУПАТА

-Македонија се наоѓа во Г групата, заедно со Египет, Шведска и Чиле. Можеме ли да се пласираме во следната фаза?

„Како прво не смее пред оваа млада репрезентација да се поставуваат нереални цели и амбиции. Не треба сега јавноста, ние тренерите, вие новинарите по секоја цена да бараат нешто што реално не може да се оствари. Треба да ги оставиме момците да одиграат најдобро што можат, а верувам во нив, и заедно со Кире на чело, тука е и Столе и останатите поискусни, секако Митревски, да се пласираат барем на третата позиција во групата и да се најдат во следната фаза. Шведска можеби е фаворит, Египет е домаќин, а Чиле пред неколку дена двапати го победивме и  тоа без Кире Лазаров. Сега со него верувам во наша победа. А очекувам и голема борба на теренот против домаќинот Египет и Шведска“.

-Значи не треба да им создаваме непотребен притисок  на нашите момци?

“Не, ни најмалку. Од друга страна секој меч, секое излегување на паркетот ќе носи и доза на притисок, па не е едноставно да играш на еден ракометен мундијал. Тие момци ќе си ја одработат својата работа. Можат да направат  и изненадување, посебно сега кога ги испративме без посебни “услови“ како никогаш досега. Во минатото од Македонија се бараше ова, па она, сега бараме само потврда на својот талент кој оваа репрезентација секако дека го има, ништо повеќе“.

ОВАА МАКЕДОНИЈА ДОПРВА ЌЕ СОЗРЕВА

-Дали може да се каже дека од оваа наша репрезентација дури допрва, во блиска иднина ќе може да се бараат резултати?

“Во право сте. Оваа Македонија допрва ќе созрева. Со настап на СП, со настап на следното ЕП во себе ќе има доволно искуство и “багаж“ од настап на големи натпреварувања и за 3-4 години ќе биде репрезентација од која може да очекуваме резултати. Видете, еден Талески и Кузманоски имаат по 24 години, а знаете ли колку Кире и останатите имаа на СП во Хрватска 2009 кога за првпат го свртеа вниманието на себе. Имаа, еве Кире на пример 28 години.

Затоа велам дека треба да почекаме уште 3-4 години и во една мирна и релаксирана атмосфера дочекаме да созрает овие млади ракометари, кои имаат потенцијал, имаат квалитет. Ете имаме три одлични голмани, имаме три одлични пикери сега на СП, имаме квалитет за секое место. Проблем ќе биде што после Кире Лазаров, па ќе мораме и тој проблем да го решиме“.

-Македонија во светски рамки веќе е етаблирана ракометна земја?

“Апсолутно. Па со  кој спорт, освен со ракометот, ние можеме да се пофалиме дека со години и години наназад  сме редовни учесници на големите натпреварувања. Македонија самата си се етаблира како ракометна земја, со нашите успеси и на клупски план, како Вардар на пример. И затоа добре ни дојде овој настап на СП, да продолжиме со тој континуитет“.

СЕТА ПОДДРШКА ЗА СЕЛЕКТОРОТ БРЕСТОВАЦ

-Данило Брестовац по вторпат ќе ја води Македонија на едно големо натпреварување?

“Ме радува што добива шанса, што ете наш, домашен, македонски селектор ја има таа привилегија да биде селектор. И без разлика на резултатот на СП во Египет треба да се остави да работи. Тој оваа генерација, овие млади многу добро ги познава, работел и работи со години наназад со нив и затоа треба да му се даде сета поддршка. Сега не знам каков стил на игра ќе преферира, но сметам дека наша предност е таа што за разлика од останатите селекции ние сме одморни, мотивирани, влегуваме без притисок, значи може да се надеваме на добар настап“.

-За крај која од репрезентациите на овој Мундијал е фаворит за златото?

“Во Топ-5 селекциите се Хрватска, Норвешка, Шпанија, Франција и Гераманија со таа назнака што јас на Хрватите и Норвежаните им давам предност. Лино Червар немаше некои поголеми проблеми со повреди и болести, еве ќе настапи и Карачиќ, значи Хрватска може до битката за златото, Норвешка исто така. Не би ја потценил и домашната селекција. Египет е домаќин, има одлична репрезентација, оваа генерација пред неколку години беше меѓу најдобрите млади селекции во светот. Секако дека ќе има и изненадување, како и секогаш. Нас ни останува само преку ТВ екраните да уживаме во ракометот и да навиваме за Македонија“ заврши Магдинчев.