Подготви: Марија Ковачева

Македонската ракометна репрезентација ги пакува куферите за Египет. Нашиот надобар национален тим по откажувањето на Чешка на Мундијалот влезе како прва резерва, ќе игра против Шведска, Египет и Чиле.

На ова Светско првенство ќе настапиме со големи промени во составот, селекторот Данило Брестовац одлучи да им даде шанса на помладите играчи, кои својата сила на теренот ќе ја „црпат“ од најдобриот.

Капитенот, Кирил Лазаров и на ова големо натпреварување ќе го носи дресот на Македонија. Веќе на големо се зборува за неговото повлекување, па сите и фановите на ракометот и генерациите кои допрва треба да прераснат во носители на играта, посакуваат магијата на македонската гол-машина да трае уште подолго.

Египет за Лазаров е посебен. Пред 22 години, токму во оваа земја на 19 години настапи на СП. Од 1999 година, прерасна во најдобар стрелец на големите натпреварување, Кире го држи рекордот како најдобар стрелец во историјата на СП.

Во разговор за СПОРТМЕДИА вели вчерашната информација дека Македонија ќе биде дел од Мундијалот ја доживеал емотивно.

„Вчерашната информација дека добивме покана за настап на Светскоот првенство по малку ја доживеав емотивно. Мојата репрезентативна кариера на големите натпреварувања почна баш во Египет во 1999 година. Некои од нашите сегашни играчи не биле родени тогаш (се смее). Неблагодарно е да се зборува пред СП што би следувало потоа. Оваа репрезентација е дел од мојот живот на која што сум член и ѝ служам од 1997 година на мои 17 години“, ни изјави Лазаров.

Капитенот се имал чвуство дека Македонија сепак ќе биде меѓу најдобрите репрезентации во светот, според него оваа покана е сосема заслужена.

„Иако бевме во неизвесност до последен момент, после одлуката на ИХФ дека Македонија е прва резерва, имав чувство дека ќе одиме на Светско првенство. Се најдовме во група во која што можеме да играме против секого. Се надеваме на позитивен резултат, вака треба да се поставиме пред секој натпревар.

Во втората фаза вкрстуваме со група на репрезентации кои во минатото сме ги победувале, што пак е дополнително психолошко олеснување за оваа репрезентација.

Со оглед на рејтингот на оваа репрезентација која го градевме последните 10-15 години мислам дека поканата од ИХФ е заслужена и ние треба максимално да ја искористиме“.

За да продолжиме да чекориме успешно и во континуитет да настапуваме на големите првенства, мора да се има доверба во младите сили на теренот. Капитенот вели дека не е лесно да бидеш подобар од претходната генерација, на овие момци им е потребна поддршка.

„Ретко кој верува во новата генерација која доаѓа. Со ваквиот пристап се создава дополнителен притисок, со кој не е лесно да се носите. Потребно е многу разговор и комуникација со нив за да можат да се ослободат од тој товар.

Многу е тешко кога треба да наследите и да бидете подобар од претходната генерација во која што играле ракометари од калибарот на Мојсовски, Миркуловски, Лазаров и итн…

Во последните 10 дена, ние играчите создадовме одлична атмосфера во тимот, како и голема меѓусебна почит. На вчерашниот тренинг по добиената покана се чувствуваше огромно задоволство што ќе бидеме дел од Светскиот ракометен врв“.

Кире и на ова првенство, го одржи рекордот по постигнати голови. Во 2009 година на СП запиша 92 погодоци.