Капитенот на германската фудбалска репрезентација, Мануел Ноер е уверен дека бундестимот има свои шанси да го освои Европското првенство во фудбал ова лето, иако ја заврши 2020 година со катастрофален пораз од Шпанија со 6:0.

“Верувам во сè што правиме. Јас сум позитивна личност, верувам во нашите способности и уверен сум дека имаме одлична можност да играме клучна улога на ЕП”, изјави 34-годишниот голман за веб-страницата на Германскиот фудбалски сојуз.

Поразот од Шпанија создаде тензии во германскиот фудбал и доведе до дискусии за можно разрешување на селекторот Јоаким Лев.

„Знаеме колку е важна психолошката поставеност на вакви турнири и сите да бидеме обединети. Мојата задача, како и на останатите играчи е да бидам чувствителен на какви било можни негативни случувања. Да станеме европски шампиони е нашата голема цел“, додаде Нојер.

Во март, Германија ќе игра со Исланд, Романија и Македонија во групната фаза од квалификациите за Светското првенство во Катар, а во јуни следува Европското првенство, на кое Германците се меѓу домаќините. Тие се во група со светскиот првак Франција, европскиот првак Португалија и уште еден од домаќините на шампионатот, Унгарија.