Она што се најавуваше веќе неколку денови, од денеска е и официјално. Арбен Тафа и дефинитивно се одлучи кариерата да ја продолжи во редовите на Ренова. Одличниот стопер од Струга, иако имаше неколку понуди од други клубови, сепак ја одбра Ренова. Па така денеска, откако беше потпишан договорот, “гипсарите“ го промовираа своето големо засилување.

Од друга страна по пауза од две години во Ренова се врати Фатјон Јусуфи, офанзивецот кој во изминатата 1,5 година беше член на Шкупи. Претходно Јусуфи играше и за Партизани и Ширак од Ерменија.

Со овие две засилувања се чини дека Ренова веќе го “одработи“ зимскиот преоден рок, претходно се засили со Марко Гајиќ, Вулнет Ислами, Џон Еди Мења, Арлинд Алити.