Македонија на првиот меч на СП во Египет убедливо бепе поразена од силната Шведска со 32-20. Можеби очекувавме пораз, но искрено не вака висок и убедлив.

Само за читателите на СПОРТМЕДИА стручна анализа на првиот наш меч на овој Мундијал дава Ристо Магдинчев.

Шведска е силна селекција, од овие 16 играчи дури 13 играат во Бундеслигата и тоа во квалитетни тимови. Мислам дека до тие 9-9 добро се држевме, потоа колата отиде низбро. Можеби Брестовац требаше да земе нешто порано тајм-аут, иако сметам дека тоа не е главната причина. Едноставно Шведска знаеше што сака. Убаво не “прочита“, ја затвори таа десна страна, му даде внимание на Кире а левата ја остави, а ние тоа не знаевме да го искористиме, а моравме. Таа десна страна постигна шест голови и покрај шведското внимание, а левата имаше нула голови. Потоа техничките грешки сторија тие да имаат многу голови од транзиција, посебно тој Ване и токму покрај Кире зошто нашиот капитен се менуваше. Одиграа плитка зона, да кажам во ракометен жаргон, и затоа успеаја да го добијат првиот дел со 16-11.

Во вториот дел одиграа исто, ние немавме против оружје, немавме план “Б“ што да правиме. Посебно бевме слаби во одбраната, посебно меѓу единицата и двојката како и меѓу петката и шестката. Одбраната ни беше како швајцарско сирење што се вели, Шведска погодуваше како од која позиција ќе посака. Видете, голманите не се виновни, па тие имаа 11 одбрани на таква одбрана, а замислете да имавме подобра одбрана, веројатно ќе стигнеа до 20 одбрани. Сакам да кажам дека овие млади момци мораат да играат поборбено, сите ние знаеме дека Шведска е поквалитетна, но тоа ние моравме да го компензираме со поголема борбеност. Друго сакама да кажам, јас неколку години велам дека Кузмановски не е среден бек, тој едноставно е тежок лев бек и точка, мора на таа средна бековска линија Танкоски да добие поголема шанса. Замислете нашиот ударен тандем Кузманоски – Талески постигнува само еден гол.

Јасно е дека овој прв пораз не треба да не обесхрабрува, ние знаеме каде можеме да си ги бараме нашите шанси. Има доволно време да се анализираат грешките до наредниот меч со Египет, каде треба да бидеме многу подобри, посебно мораме да бидеме многу поборбени. Не смееме на следните мечеви да примаме дури 15 голови од транзиција како вечерва, да правиме толку технички грешки, а за крај да кажам дека досега не сум видел од нашата репрезентација послабо одиграна одбрана. Сепак да веруваме деќа ќе биде подобро“ заврши со анализата Магдинчев.