Во меч кој беа постигнати неверојатни 80 голови, Словенија со 51-29 (25-16) ја победи Јужна Кореја. За Словенците ова беше една лесна задача. Имено момците на Љубомир Врањеш против себе буквално ја имаа јуниорската селекција на Ј. Кореја, па затоа одтаму и оваа висока и убедлива победа. Ова беше натпревар од групата “Х“.

Во дербито на Африка, во меч од групата “Ф“, Алжир со 24-23 (8-15) го победи Мароко. Селекцијата на Мароко одигра неверојатно прво полувреме, имаше и +7 голови предност, но затоа во вториот дел Алжир заигра како што му доликува и на крајот славеше со еден гол разлика.

Австрија – Швајцарија во меч од групата “Е“, заврши со резултат 25-28 (13-13). Во првиот дел резултатот беше егал, се водеше интересна борвба. Во продолжението од средбата Швајцарците заиграа подобро и на крај заслужено победија и ги освоија првите бодови во ова прво коло.

Во првиот денешен меч Белорусија и Русија одиграа без победник, со резултат 32-32. Интересно е тоа што во ова “советско дерби“ Белорусија го избегна поразот со гол во финишот на мечот. Ова беше натпревар од групата “Х“.