Дел од спортското внимание денеска е свртено кон ракометарите. Додека во Скопје одбојкарите бараат победа против Турција во евро-квалификациите, во Каиро нашите момци ги прават последните подготовки за дуелот со Египет, втор на Светското првенство.

Селекторот Данило Брестовац очекува подобро издание од своите избраници, особено во делот на борба, одбрана.

„Со млад тим многу е тешко да ја претпоставиш играта на следниот натпревар, имаме многу осцилации. Можеби главен проблем е тој недостаток на големи учества на младите селекции. Ќе имаме многу проблеми ако се однесуваме како на првиот меч со Шведска, да избегнувавме физички контакт, одговорност во некои ситуациии да реализираме. И во одбраната не се снаоѓавме најдобро во тие некои ситуации „еден на еден“, каде што требаше да си помогаат играчите. Ни недостасува тимскиот дух, кој треба да се гради во младите категории.

Мора да сфатиме дека сме во процес на формирање на играчи, тешко е да се игра против врвни репрезентации, технички и физички подготвени“, вели Брестовац пред денешната средба која е закажан со почеток во 18 часот.