По убедливиот пораз од Шведска на стартот на Светското првенство, македонската репрезентација денеска против Египет (18 часот), домаќинот на ова натпреварување, има само едно на ум – да докаже дека првиот меч беше само лош ден. Планот е едноставен – борбата која недостасуваше на претходната средба, сега да биде главно оружје.

Сите имаа доволно време да се одморат, да размислат, па и да се подготват по хаосот, од тргнувањето од Скопје до сместувањето во Каиро.

Шведска мора да се заборави, а грешките да не се повторат. Филип Талески и останатите момци кои допрва ќе бидат главни носители на играта, сакаат да ја вратат вербата кај народот во нив.

„Треба да ја заборавиме Шведска, имаме уште два меча, денешниот со Египет и Чиле. Тоа што го договаравме за Швеѓаните да треба го исплниме на следните два натпревари за да ја исполниме целта – пласман во следниот круг.

Ќе ни биде тешко со домаќинот, исто и со Чиле, во Скопје победивме на двата меча, но можеби и тие не го дадоа максимумот. Ако сакаме да позитивен резултат, треба да покажеме квалитет, карактер и борба. Ако го оставиме срцето на терен, како што Македонија секогаш го правеше тоа, мислам ќе имаме добар резултат“, вели Талески.