Македонската одбојкарска репрезентација денеска (18 ч.) го игра решавачкиот меч за пласман на Европското првенство 2021. Во СЦ „Борис Трајковски“, избраниците на селекторот Матијашевиќ пред себе ја имаат втората средба со фаворитот Турција, кој досега на квалификациите во Скопје загубија само сет и тоа во првата пресметка со нашата репрезентација.

Математиката вели дека на денешниот меч за нас е потребна победа, но со најмногу еден загубен сет за да ја постигнеме целта. Ако победиме со 3:0 ќе завршиме како први на турнирот во Скопје, а доколку Турција освои сет, ние како една од петте најдобри второпласирани репрезентации во седумте групи исто така ќе одиме на ЕП.

„Турција ќе сака да победи без разлика што и сет и врши работа. Ќе биде тешко, но нема предавање. Ќе се бориме до последен поен”, порача капитенот Никола Ѓорѓиев.

Со победа со 3:2 или со каков било пораз, ќе ја чекаме разврската од преостанатите четири квалификациски групи закажани за во мај. За да не се случи тоа и да решаваат сами за себе, македонските одбојкари треба да победат против Турците.