Доцна попладнево, покрај мечот Египет – Македонија, се одиграа уште три натпревари на СП во Египет.

Русија одигра одличен натпревар против Словенија, во групата “Х“ и успеа да ја победи со 31-25 (16-13), победа и два бода која оваа репрезентација ја носи во следната фаза. Дури три руски ракометари завршија со по шест голови, и тоа Кисељев, Косоротов и Сорока. Доленец кај Словенците беше стрелец, исто на шест голови.

Франција пак, во меч од групата “Е“ славеше над Австрија со 35-28 (17-13), па така и оваа селекција обезбеди пласман во следната фаза. Французите во текот на целиот меч беа подобри, Фабрегас со 6 погодоци беше најдобар поединец во таборот на победничкиот тим.

На мечот Мароко – Португалија, овој натпревар беше од група “Ф“, победија Португалците со 33-20 (12-12), па и тие одат натаму. Интересно е тоа што во првиот дел Мароко имаше резултатски егал, но во вториот дел фаворитот беше на висина на задачата. Портела со 9 голови беше голгетер број 1 на овој дуел.

Во првиот меч на денешната програма на СП во Египет, Белорусија со 32-24 ја победи Ј. Кореја, во меч од групата “Х“, со што и официјално се пласира во следната фаза.