Македонската иднина целосно потфрли по првите два дуели на Светското првенство во Египет. Станавме „топовски месо“ за противниците, поразите од Шведска и Египет не се проблем, туку бледата игра на теренот. Едно е пораз, друго е катастрофа.

Дозволивме Шведска да се шета како сака низ нашата одбрана, најавивме дека ќе бидеме подобри, но и вечерва сфативме дека немаме срце, немаме мадиња за вакви натпревари.

Без жар, без борба одигравме и против Египет.

Во целата ситуација, прво на патмет ни паѓа капитенот Кирил Лазаров.

Штета, голема штета – не го заслужи ова. Одлучи да дојде и да им помогне на ракометарите во процесот на созревање сакајќи да ја остави Македонија во сигурни раце, да биде на достојно ниво.

Но, што ли виде???

Во една прилика Филип Кузмановски изјави дека ќе биде тешко без Лазаров. Така и ќе биде, во ниту еден момент не дадовме искра надеж дека за светла ракометна иднина, барем да видовме борба.

Лазаров и на 40 години одлучи да одговори на повикот на Данило Брестовац и кога не се знаеше дали Македонија ќе игра на СП. Како вистински професионалец го стави националниот дрес пред останатите интереси, се качи во авионот за Египет без да бара изговор со верба во младите сили.

Но, неговите напори, совети, жртвувања беа бадијала.

Никој ама никој од младите момци не заслужува да биде на теренот покрај едно име како Лазаров, за кого пак ова СП најверојатно ќе биде последно во неговата репрезентативна кариера. Дефинитивно ако е така, ваков крај, вакво збогување на заслужува.