Победата на Ливерпул над Манчестер Јунајтед со 2:0 во овој период минатата сезона им даде предност од 30 поени на „црвените“ во однос на „ѓаволите“. Во истиот период во новата сезона Манчестер Јунајтед е лидер, а Ливерпул им гледа во грбот со три бода помалку. Всушност Јунајтед за првпат по долго време избива на чело на табелата и се чини дека имаат капацитет до крај да се борат за шампионската круна.

„Ѓаволите“ се во серија од 11 меча без пораз во Премиер лигата. Ливерпул самиот се зафркна со тоа што направи неколку киксови со послабите екипи и затоа не е прв, а за информација „црвените“ испуштиле 18 поени оваа сезона. Сепак, четата на Јирген Клоп не е отпишана, исто како и составот на Манчестер Сити кој е веднаш зад нив. Како што стојат работите овие три екипи засега се најголеми кандидати за титулата во Англија.

Да кажеме и уште еден интересен податок, а тоа е дека Манчестер Јунајтед има вкупно три порази сезонава, а ниту еднаш не изгуби на гостински терен. Надвор од „Олд Трафорд“ скорот им е 7 победи и 1 реми. Момците на Оле Гунар Солскјер играат одлично, отворено и на гол повеќе што не беше случај во претходните сезони. Нивен лидер е Бруно Фернандеш кој воедно стана рекордер со четири награди за играч на месецот во една календарска година (2020).

Во меѓусебните дуели единствената победа на Манчестер Јунајтед во претходните 10 соочувања со Ливерпул во сите натпреварувања беше 2:1 во првенството на „Олд Трафорд“ во март 2018 година. Ливерпул врза две победи над Јунајтед на „Енфилд“, а ако победи и денеска ќе направи три по ред за првпат по 2011 година (тогаш имаше три почнувајќи од 2008 до 2011 година).

Оле ќе се обиде да избегне да им се придружи на легендите на Јунајтед Џон Чепмен (1921-1926) и Томи Доерти (1973-1976) кои не успеале да победат во првите четири премиерлигашки соочувања против Ливерпул.

ПРЕМИЕР ЛИГА
ЛИВЕРПУЛ – МАН.ЈУНАЈТЕД
недела, 17:30 ч.