На Серхио Рамос ова лето му истекува договорот со Реал, продолжувањето на истиот на година дена требаше да биде чиста формалност.
Но, останувањето на капитенот во Мадрид се претвори во вистинска „сапуница“. Нови детали околу преговорите со челниците на клубот денеска објави „ABC“. Проблем е еден милион евра и менаџерот на фудбалерот кој е во лоши односи со челниците на клубот.
Претседателот Флорентино Перез бил бесен на менаџерот, кој сите детали од преговорите ги откривал на јавноста и тоа само неколку часа по секој состанок.
„Перез одлучи да ги прекине преговорите со менаџерот, сака истите да ги води само со играчот“, се вели во текстот.
Реал Мадрид е еден од клубовите кои има големи загуби во 2020 година поради пандемијата коронавирус, па токму затоа мора да ги намали примињата на фудбалерите.
Рамос на „Сантијаго Бернабеу“ дојде во 2005 година од Севиља за 27 милиони евра, одигра 668 меча и постигна 100 гола. Според некои проценки во Реал заработил 80 милиони евра.