Нема што. Новиот бисер на Работнички, Лука Станковски, кој има само 18 години, е пред трансфер во овој зимски преоден рок. Имено како што веќе наголемо пишуваат медиумите во Турција, а од Работнички не демантираат, не само што има голем интерес од Фенербахче, туку турскиот гигант по ангажманот на Месуд Озил тргнува и официјално по новиот дијамант Лука Станковски. Фенер кој има убаво искуство со Еллиф Елмас, кој исто замина од Работнички во овој турски гигант, сега го посакува и фудбалерот за кого, барем нефицијално, прашуваат десетина клубови од Европа.

Но, Фенер е пред сите. Имено како што се шпекулира, тој деновиве треба да достави и официјална понуда до Работнички за евентуален трансфер. Таа сума е некаде околу половина милион евра, која веројатно ќе биде одбиена од раководството на “романтичарите“, но којзнае, треба да почнат официјалните преговори за да се види што и како.

СПОРТМЕДИА пред неколку недели објави дека за Лука силно е заинтересирана и Ц. Звезда, но од пред некој ден и Динамо Загреб, најголемиот клуб на овие простори го посакувал бисерот на Работнички во своите редови.

Се разбира дека во Градски парк тријат раце. Свесни се дека имаат вистинско фудбалско богатство, но нема да се брза со трансфер по секоја цена. Ќе се одбере најдобрата, прво за самиот Лука а потоа и за клубот, кој за само неколку месеци е во позиција да направи уште еден мега – трансфер за наши услови, се разбира дека тука мислиме оној на Давид Тошевски во рускиот Ростов.

Значи трката за Лука Станковски започна. Прашање е кој ќе стигне прв до неговиот потпис.