Четврти пораз за нашата ракометна селекција во петтиот меч на СП во Египет. Овојпат Русија и тоа како не надигра во сите ракометни елементи, едноставно уште во првите минути од првиот дел, ние како да го загубивме натпреварот. Македонија – Русија 20-32, во вториот меч од главната фаза. Свое видување има и нашиот стручен коментатор Ристо Магдинчев.

Ова е пети натпревар, ништо ново, упорно си тераме по старо, каква анализа јас да направам кога уште по првите минути ние го губиме мечот, кога на полувреме е 19-9 за противникот. Почнавме со одбрана 5-1, и уште повеќе се раширивме, тоа беше шанса за Русија уште отпочеток да ни дава голови од секоја позиција. Па ние вториот гол го даваме во 15 минута од натпреварот, и после тие 8-2 за Русите се е веќе готово. Се вративме на одбрана 6-0, но бадијала, се беше веќе готово. Јас едно не можам да сфатам. Во нападот нашите пикери Стоилов и Пешевски буквално добија ќотек, беа тепани, бед удирани, а ние нивните пикери не ги ни чепнавме. Па треба веќе еднаш да покажеш авторитет, па не може секој кој стигне да удира по нашите пикери а ние да не наоправиме ниту фаул. Генерално она што го зборам и коментирам за минатите мечеви ќе важи и за овој. Ова беше петти натпревар и нема никаково подобрување, никакво, за мене ова е несфатливо. Кире по оние 4-0 во шутеви седна на клупата, и затоа не успеа да постигне гол на овој натпревар, не знам дали ова му се случува за првпат во репрезентативната кариера. Во нападот во вториот дел кај нас се беше некако на сила, без игра, без течна игра, немавме концепција. Само избрзани шутеви и ништо повеќе. Кузмановски се трудеше, затоа и постигна шест голови на овој меч, но тоа е далеку, далеку од нашите можности. Се разбира генерална оценка ќе дадеме по мечот со Белорусија, но ова е просто мачење, за нас подобро е да заврши првенството што побргу. Сега велиме само да не загубиме повеќе од десет разлика, фрапантно“ заврши Магдинчев.