Италијанката Софија Гоџа ја запиша својата трета едноподруго победа во спустот во рамките на Светскиот куп во алпски дисциплини, откако триумфираше денеска во таа категорија во Крањ Монтана, Швајцарија.

Олимписката шампионка во спуст од Пјончанг 2018 запиша време од 1:10.10 минути и остана на 0,20 секунди пред Естер Ледецка од Чешка. Трета заврши Американката Бриз Џонсон.
Инаку денешниот спуст се возеше по скратена патека затоа што организаторите мораа да го поместат стартот поради силниот ветар во горниот дел од патеката. Друг проблем на организаторите беше и натрупаниот снег поради обилните врнежи кои го одложи стартот за три часа.

Гоџа е прва во дисциплината спуст со 380 поени, со 140 поени повеќе од Џонсон. Во битката за Големиот кристален глобус води Влхова од Словачка со 825 поени и има 110 поени повеќе од Мишел Гизин на второто место. Трета е Марта Басино со 623 поени.