Милан неочекувано доживеа убедлив пораз од Аталанта 0:3 на домашен терен што е нивен втор пораз во првенството сезонава. „Росонерите“ сепак останаа на првото место, меѓутоа овој неуспех против тимот од Бергамо малку ги спушти на земја и им укажа дека не смеат да се опуштаат. Златан Ибрахимовиќ беше критичен денеска по лошиот настап на тимот, а посочи дека не му се допаѓа што бил изолиран во првото полувреме.

Во првото полувреме се чувствував изолиран. Кога топката ќе дојдеше до мене, ми требаше некој да му подадам. Место тоа бев осамен и морав сам да ги решавам работите. Освен тоа Аталанта играше одличен пресинг што беше многу тешко да играш, особено сам со топката“, вели Швеѓанецот.

Но не само тоа, многу работи беа лоши денеска. Не сакам да барам алиби, но по секој меч се гледа резултатот. А тој не е добар за нас. Најважно сега е да се одмориме и да ја повратиме енергијата за наредниот меч. Изгубивме само два меча во Серија А и мислам дека тоа не е лошо. За жал, денеска ни недостасуваа многу играчи, а имавме и неискусни на теренот… Сето тоа се одрази на играта. Повторувам, тоа не е оправдување. Сите работиме напорно и се жртвуваме. Ние сме есенски прваци, но тоа не ми значи ништо. Мораме да продолжиме да играме најдобро. Сега доаѓа најтешкиот период“, вели Ибрахимовиќ.