Нашата најдобра женска кошаркарска селекција почна со подготовките за настап на последниот турнир од квалификациите за Евробаскетот, кој оваа година ќе се одржи во Шпанија и во Франција. Од денеска, па во наредните седум дена, избраничките на селекторот Ѓоровиќ се во Охрид каде ќе биде реализиран првиот дел од подготовките.

По вчерашното задолжително ПЦР тестирање реализирано во Клиниката „Жан Митрев“ во Скопје, денеска, кандидатите за место во националниот тим се упатија во Охрид, каде вечерва во салата „Билјанини извори“  го одработија и првиот тренинг.

Во малку изменет состав од оној кој ги одигра двете последни средби во „балонот“ во Рига. Во овој февруарски „прозорец“ на ФИБА, националниот тим ќе биде составен од познати кошаркарки кои веќе биле дел од репрезентацијата.  На овој скратен список, нови имиња: Матеа Атанасовска, Елена Тасевска, како и Софија Лазареска. Три кошаркарки кои се дел од лигите во Италија. Ги нема Марија Димитријевиќ и Сандра Лазареска, а нова шанса ќе чека Катерина Поп Димитровска, која поради позитивен тест отпадна непосредно пред ноемвриските подготовки во Охрид, а сега е повторно на списокот на кандидатки за настап во „балонот“ во Рига, предвиден за периодот од 4. до 6.февруари.