Финската полиција започна истрага по инцидентот што се случи за време на трката во нордиско скијање во рамките на Светскиот куп во Лахти. Имено, на трката 4 х 7,5 км. во машка конкуренција, во последните метри од трката Русинот Александар Болшунов изгуби нерви откако финскиот нордиец Јони Маки го спречи да го престигне во борбата за второто место.

Телевизиските снимки јасно покажуваат како Финецот го блокира патот на рускиот нордиец кој се обидуваше да го престигне прво од лево, а потоа од десно. Русинот полуде и неколку пати замавна со стапот кон Финецот, а откако ја помина целта намерно налета на него и го сруши на земја.

Селекторот на руската репрезентација, Јуриј Бородавко, го обвини Маки дека ги прекршил правилата на натпреварувањето. Сепак, судиите на Меѓународната скијачка федерација пресудија дека потегот на Маки не претставува кршење на правилата. Затоа, рускиот натпреварувач и првата руска штафета беа дисквалификувани за неспортско однесување и беа лишени од бронзениот медал.

Финската полиција по инцидентот добила пријава, по што започнала истрага.