Носителот на Грен Слем титули во машки двојки и мешани двојки, 47-годишниот Индиец Леандер Паес има намера да учествува на Отвореното првенство на Франција и во 2021 година, но исто така да бара место и на Олимписките игри во Токио. Индиецот нема да се појави на Австралија опен, но има зацртано учество на Олимпијадата.

„Многу е тешко да се игра во био-меур. Можеби ова не е најдобрата идеја. Се збогував со Австралија опен минатата година, па решив дека оваа сезона само ќе ги гледам натпреварите на овој турнир. Се надевам дека до Ролан Гарос, до крајот на мај, условите во Европа ќе бидат подобри од сега. Мојата цел е да ја претставувам Индија на Олимпијадата во Јапонија што ќе биде мој осми настап. Се одржувам во добра физичка и психолошка форма, иако немам играно 11 месеци“, вели Паес.

Паес е единствениот тенисер и во исто време единствениот претставник на Индија во историјата што учествувал на седум Летни олимписки игри (1992-2016).