Вардар 1961 утре го игра првиот меч во СЕХА-лига, во Скопје гостува Војводина. Тренерот, Стевче Алушовски како поголем дел од тимовите, подготовките ги работеше без половина состав, поради репрезентативните обврски.

Од денеска на располагање предводникот на „црвено-црните“ ќе ги играчите кои настапуваа за Македонија на СП, а во следните денови треба да се приклучат Иван Чупиќ и Патрик Валчак.

„На два дена до почетокот на полусезоната може да кажам дека и натаму сме некомплетни. Ракометарите кои имаа репрезентативни обврски се надвор од стројот. Работиме со оние кои што се тука, колку што дозволува кадарот да се одработи нешто квалитетно за што подобро да се подготвиме за дуелот со Војводина. Тоа е една квалитетна екипа која што е составена од млади играчи, кои многу трчаат, ги гледав на последниот натпревар против Кикинда во српското првенство. Играат брз и модерен ракомет, цврсто во одбраната со многу транзиција. Очекувам да одиграме еден сериозен натпревар.

Вардар секогаш кога игра на домашен терен против било која екипа, дали е тоа СЕХА или Лига на шампиони, ние се трудиме да ја прифатиме фаворитската улога, така ќе биде и на дуелот со Војводина. Без разлика што сме некомплетни на тренинзите, но ќе бидеме комплетни на натпреварот. Ќе бидеме комплетни само на еден тренинг, но се надевам дека на натпреварот ќе одиграме коректно, кој ќе биде добра подготовка за она што не очекува во февруари“, изјави Алушовски.