Во четврток на теренот на АМС на Спортскиот центар во Тетово со почеток во 12 часот, со одигрување на ревијален натпревар меѓу екипите на Тетекс и Брегалница ќе биде одбележан денот на формирањето на ФК Тетекс.

„Штофарите“ како датум на своето формирање го имаат 18 февруари 1953, со што оваа година ќе го прослават 68 роденден.

Воедно на овој натпревар ќе биде повлечен од употреба дресот со број 4 на ФК Тетекс, во чест на легендата на клубот, Бошко Блажевски, кој 12 сезони по ред настапуваше за тетовските бели во 60-тите и 70-тите години на минатиот век. Ревијалниот натпревар ќе биде прекинат во 4-тата минута, ќе има една минута молчење, а потоа дресот со број 4 ќе биде повлечен од теренот и веќе нема да се користи на официјални натпревари на ФК Тетекс. По завршувањето на натпреварот, ќе следува доделување на благодарници на компании, институции и поединци кои помогнаа во функционирањето на клубот во изминатата година, како и на медиумите.