Фудбалерите на Порто сосема заслужено славеа со 2:1 против Јувентус во првиот осминафинален меч од Лигата на шампионите. Португалците беа подобри во најголемиот дел од мечот, а малку недостасуваше со празна мрежа да го завршат вечерашниот дуел.

Многу брзо, по неполни две минути игра, Порто веќе имаше предност на „О Драгао“. Бентакур лошо врати до Шчесни, топката ја пресече Тареми и успеа да погоди за водство на домашните.

Јувентус не успеваше да створи посериозна шанса се до финишот на полувремето, кога Рабио со полуножички имаше прв директен удар кон домашниот гол, но голманот на Порто одбрани.

На стартот на второто полувреме, за неполна минута Порто повторно погоди. Овој пат Марега го совлада Шчесни и на Португалците им донесе предност од два гола. Јувентус се обидуваше да притисне, но Порто ги одбиваше нападите. Конечно, во 82. минута Рабио се проби по левата страна, центрираше, а Киеза натрча на топката и ја смести во домашниот гол за 2:1.

ПОРТО – ЈУВЕНТУС 2:1