Откако по триумфот над АЕК Ларнака, Чеде Јаневски го однесе за првпат во клупската историја тимот на Олимпијакос Никозија во „шампионската група“ во првенството на Кипар, тамошните медиуми го величаат Македонецот.

Секако дека ова е голем успех за екс- селекторот на нашата репрезентација, еден од нашите најпознати и најдобри тренери кој во неколку наврати беше на Кипар како тренер и секогаш имаше и има успеси. А тоа Кипарците не го забораваат и велат дека Чеде е ЧУДО, а во текстот на “Керкида.нет“ наголемо се пишува за „Чудата на Чеде“.

Па така покрај другото се напоменува и ова…

Чеде Јаневски повторно го направи Своето … чудо, тој се грижи да остави зад себе значајно наследство на секое негово поминување низ нашиот остров …

Во сезоната 2009-10 година, тој заврши со Енозис на високото 6-то место. Не само тоа, туку тој му донесе и на Кипар супер играч во кој и денес уживаме, Иван Тричковски!

Во 2010-11 година, тој можеби немаше слична сезона, но тој го донесе на Кипар еден од најдобрите странци кој играл на нашиот остров и кој го имавме со нас до пред две години, Алекс Да Силва!

Минатата сезона, тој одново беше на Кипар, одново во Енозис, во тим кој имаше 2 победи, 9 порази и 5 нерешени средби на 16 натпревари. Што следеше? Комплетен пресврт во режија на Чеде! На 7 првенствени натпревари, 3 победи, 3 нерешени и само 1 пораз, од Омонија.

И оваа година, тој повторно дојде на нашиот остров. Го презеде кормилото на Олимпијакос непосредно пред мечот со Омонија, одигра нерешено 1: 1, а потоа имаше три победи и еден пораз, со тим кој пред него имаше 7 порази и 2 нерешени средби на последните 9 натпревари! Тоа е тоа ЧУДО на Чеде Јаневски. Ова покажува за каков тренер станува збор. Чедомир Јаневски е одличен тренер и тоа го докажува во секоја можност што ќе му се даде на нашиот остров!“ завршува текстот.