Најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ е шампионот на Австралија опен. Супер Ноле во финалето на престижниот турнир го совлада рускиот тениски ас Данил Медведев со 3:0 во сетови (7-5, 6-2, 6-2) и притоа му ја прекина на Русинот одличната серија од 20 победи по ред.
Медведев кој е познат по одличниот сервис немаше идеја како да му се спротистави на Ѓоковиќ. Српскиот тенисер одговараше одлично на секоја закана на Русинот и воопшто не си дозволи пад на концентрацијата. Полека, лесно ги добиваше поените против ривалот и на крајот стигна до победата и трофејот – притоа ја запиша петтата победа во осмиот меѓусебен дуел и воедно му се одмазди на Русинот за поразот на последниот дуел, на завршниот турнир на сезоната.
Ѓоковиќ стигна до деветтиот трофеј на Австралија опен, што е рекорд, а интересно е што никогаш не изгубил во финалните мечеви на овој турнир (2008, 2011, 2012, 2013, 2015, 2016, 2019, 2020 и 2021).
Вкупно Новак има 18 Гренд слем титули.
А јасно е и дека на 8 март ќе ја заземе 311. недела на чело на АТП листата и ќе го урне рекордот на Роџер Федерер.