Пишува: Зоран Ѓоршоски


Конечно, вчера се одиграа и преостанатите пет мечеви од 19.или првото пролетно коло кое се развлече 8-9 дена поради снегот и студеното време пред една недела за кога и беа закажани сите шест натпревари. Тогаш играа само А. Пандев и Работнички, а вчера и сите останати. Со тоа се комплетира колото.

Коло во кое имаше неколку интересни резултати. Прво големите проблеми што ги имаа водечките екипи на табелата Шкендија и Шкупи на гостувањата во Кратово и Велес. Малку недостигаше Силекс и Борец да им ги расипат сметките на фаворитите. Дориев беше стрелец за победа за Шкендија, додека Цветаноски за Шкупи. Разликата од шест бода останува и по ова 19.коло меѓу Шкендија и Шкупи во битката за титулата.

БЕЛАСИЦА ЌЕ БИЕ И ТОА КАКВА БИТКА ЗА ОПСТАНОК

И дефинитивно најинтересно беше во Тетово каде Беласица со 4:2 успеа да ја победи Ренова на нејзин терен. Струмичани имаа водство од 1:0, па Ренова водеше со 2:1, следуваа три гола на четата на Ѓоре Јовановски за конечни 4:2. Каланоски беше во транс, три гола за големи три бода. Нема што, Беласица ќе бие и тоа каква битка за опстанок. Струмичани сега ќе имаат и самодоверба, имаат мотив повеќе. Сега дури Беласица ќе биде “мина“ за сите во ПМФЛ.

Ренова се чини дека може и мора подобро. “Гипсарите“ секако дека не го планираа овој меч вака да заврши.

Во Струга тврдо, не така убаво за око, надмудрување меѓу Струга Трим Лум и Македонија ЃП. Многу важен меч за двете екипи, тоа како да им ги пречеше да покажат што навистина знаат. Но ништо уште не е загубено за стружани, има доста да се игра. Тие пет бода може да се стигнат, ако се сака пласман на таа трета позиција.

За тој меч во Струмица каде Работнички на снегот ја победи Академија Пандев се говореше, се анализираше речиси цела недела. Имаше незадоволство кај струмичани, имаше повици од разни страни.

ВАРДАР ПОЗИТИВНО ИЗНЕНАДИ…

И дефинитивно ако некој позитивно изненади вчера тоа секако дека е Вардар. Момците на стратегот Никола Илиевски Џиџи просто покажаа како се игра со срце за Вардар, за себе, за “Комити“. Максимално го користеа секој кикс на Пелистер, кој пак просто разочара. Тие 2:2 и секому по бод всушност се една голема победа за Вардар. Просто несфатливо е како се однесуваше Вардар на овој меч со само 7-8 тренинзи пред стартот на пролетниот дел. На крајот разбирливо заморот го стори своето и Маневски казни, како по обичај како што знае искусниот офанзивец да го прави тоа.

Со нетрпение го чекаме следниот викенд, каде ќе биде и тоа како бурно. Шкендија го дочекува Вардар, а Шкупи игра со Академија Пандев.