Поразот од градскиот соперник Евертон дополнително ги продлабочи проблемите во Ливерпул кој сезонава не личи на себе. Разочарувањето е големо, како поради чести повреди на клучни фудбалери пред се од одбраната, така и од резултатите кои го исфрлија од игра за титулата.

Победата на Евертон со 2:0 пред неколку денови означи прва победа на „карамелите“ на теренот на големиот градски соперник уште од 1999 година.

Ливерпул го впиша четвртиот едноподруго првенствен пораз како домаќин, нешто што не му се случило уште од далечната 1923 година! Барнли (0:1) , Брајтон (0:1), Манчестер Сити (1:4) и Евертон (0:2) го освоија „Енфилд роуд“. Тоа се четирите домашни порази по ред кои го донесоа неславниот рекорд. Притоа „Црвените“ постигнаа само еден гол! Премалку, едноставно премалку за англиски шампион.