Се чини дека ќе го изнагледаме Работнички на ТВ. Имено според распоредот на ТВ преносите од ПМФЛ, во наредните три кола натпреварите на клубот од Градски парк ќе бидат директно пренесувани на Арена Спорт и МРТВ. А да се потсетиме дека и првиот меч во Струмица, по снегот, го следевме низ ТВ пренос.

Веќе во сабота, натпреварот од 20.коло меѓу „романтичарите“ и Силекс ќе биде пренесуван низ ТВ пренос. Следува мечот со Шкендија од 21. коло, коло кое е закажано за следната среда (03.03) исто Работнички е домаќин. За крај на оваа „серија“ клубот од Градски парк во рамките на 22.коло му гостува на Шкупи, веројатно се игра на стадионот на ФФМ и тоа во недела (07.03).

Секако дека момците на тренерот Александар Влахо имаат тежок распоред во последните три кола пред да започне “бергерот“, но како одиграа во Струмица против Академија Пандев, реално е да се очекува Работнички на сите овие три меча да “покаже заби“ што се вели.

Најважно за “романтичарите“ ќе биде во тој трет круг да бидат во првата шесторка, како би имале меч повеќе на свој терен.