Машката сениорска репрезентација на Македонија не успеа да обезбеди пласман на завршниот турнир од Европското првенство.

На последниот турнир во Перм, баравме победа изразена со над десет поени разлика против Естонија.

А под Урал, испадна малку поинаква ситуација.

Кога моравме, прво ја победивме Италија, а потоа во мечот на одлука ја победивме и Естонија. Но не со десет, туку со два поени разлика.

Тие осум поени ни пресудија, на крајот на трката останавме зад Италија, Русија и Естонија.

Доволно за селекторот Александар Тодоров да нарави една првична анализа за овој квалификациски циклус, кој го завршуваме со ефект од две победи и четири порази.

Период во кој, како што вели Тодоров, се „измешаа“ разочарувањата и задоволството.

Ако се осврнеме наназад на овие шест натпревари од овие квалификации, можам да кажам дека има два спротивставени моменти: едниот разочарувањето поради необезбедувањето пласман на ЕП, и вториот огромното задоволство дека бев дел од нешто ново што се создава и што ќе трае во наредните 10-15 години.

Имаме два порази во израмнети, до последните минути, средби со Русија и Италија. Имаме еден крајно лош натпревар со Русија, ама имаме и две победи, и едно катастрофално лошо полувреме во Скопје во првиот натпревар во овој циклус нè остави да го гледаме следното ЕП дома“.

Вели дека повторно би одел по овој пат…

Кога за првпат ја добив понудата за селектор, ми требаше речиси еден месец да одлучам дали сакам да се впуштам во една нова авантура, посебно што првичниот впечаток, и мој и на луѓето со кои разговарав, беше дека речиси се минимални шанси за макар и една победа. Сепак, од денешен агол, ако повторно е ноември 2019 година, и ја добијам истата таа понуда, сигурен сум дека пак би ја прифатил, бидејќи навистина ми беше задоволство да работам со оваа група на играчи, независно од крајниот резултат.

Запознав десетина млади играчи, кои не само што не ги имав тренирано, а воопшто не ги ни познавав, и сигурен сум дека со нив, но 3-4 години постари, веќе во 2025 година Македонија ќе биде дел од Евробаскетот, и тоа не само во улога на аутсајдер“.

Тодоров жали што во Перм немаше уште еден голем потенцијал – Андреј Јакимовски, но и повредените играчи како Маслинко и Симоновски:

Навистина жалам што го загубивме Андреј Јакимовски за овој циклус, сигурен сум дека тука во Перм ќе можеше да ни помогне по 15-20 минути на натпревар. Ни недостасуваа и Маслинко и Симоновски, кои ќе ни дадеа поголема ротација во овој луд циклус на четири средби во пет дена, но тоа е што е“.

Потсетува и на една друга работа селекторот пред враќањето за Скопје, со чартер-летот кој го обезбеди федерацијата, а треба да ги донесе дома, денеска околу 15.50 часот:

Сите 15 играчи кои беа тука, го дадоа својот максимум. Знаете дека ниту еден од нив не беше принуден да игра за репрезентација под закана од казни и санкции.

Знаете дека четворица од нив одлежаа 14 дена карантин во Естонија само заради желбата да играат за националниот дрес. И тоа се тие нешта што ме прават да сум горд што бев нивен тренер“– го „заклучува“ циклусот, Тодоров.

Со скор од две победи и четири порази, и полоша меѓусебна кош-диференција со Естонија, не обезбедивме пласман на Евробаскетот во 2022 година.