Вечерва продолжуваат возбудувањата во Лигата на шампионите, а мечот меѓу Атлетико Мадрид и Челзи привлекува најголемо внимание (21 часот на Метрополитано). Другиот меч е Лацио – Баерн во истиот термин.

Атлетико потврди дека ќе биде без тројца првотимци за дуелот со Челзи. Првиот „домашен“ меч од осминафиналето го играат во Букурешт, а Симеоне нема да смета на Хозе Хименез, Јаник Караско и Шиме Врсаљко.

На последниот меч во Ла Лига Атлетико загуби од Леванте што беше прв пораз во првенството, но екипата го сочува првото место. На тој меч се повреди Хименез и нема да патува со екипата.

Диего Симеоне посочи дека мора да се внимава на Челзи кој многу се промени по доаѓањето на Томас Тухел.

Челзи многу се промени под водство на Тухел. Тие имаат страшни индивидуалци и притоа инвестираа многу пари за развој на екипата. Имаат голмани на високо ниво, а напаѓачите можат да играат во било кој тим во Европа“, изјави Симеоне.

Но и ние имаме свои квалитети. Го имаме Суарез. Тој е роден голгетер и притоа му дава самодоверба на тимот. Ќе биде тешко и нормално, сакаме да победиме“, вели Аргентинецот.

Мечот се игра во Букурешт поради тоа што Шпанија ги забрани летовите од Велика Британија поради пандемијата КОВИД-19 поточно британскиот сој на вирусот.

Да потсетиме дека во тој град Симеоне ја освои првата титула со Атлетико во Лига Европа во 2012 година.

Челзи ќе го нема Тијаго Силва поради повреда, а Хаверц и Пулишиќ ќе се најдат во тимот но не се знае дали ќе играат затоа што и тие влечат повреди.

Инаку досега овие две екипи одиграле седум меѓусебни дуели. Имаат идентичен скор по две победи и три ремија. Играа и финале на Суперкуп на Европа кога Атлетико победи со 4:1.

Инаку „најсвежите“ дуели им се од 2017 година. Во Лондон беше 1:1, а во Мадрид „сините“ победија со 2:1 во групната фаза на ЛШ.