Стефан Ристовски, сегашниот член на Динамо Загреб во интервју за „Спортске Новости“ истакнува дека трпел навреди за неговиот трансфер во „модрите“, со оглед дека во минатото беше дел од Ријека, но вели дека никогаш нема да каже ништо лошо за својот поранешен клуб.

„Беше непримерно, меѓутоа јас каде и да играм живеам за тој клуб. Таков сум по карактер. Го бранам клубот, и живеам за него. Јас во Ријека секогаш имав убави моменти, ги ценам луѓето и ги сакам. Нека луѓето го сфатат како сакаат, но тој период можеби е најдрагиот во мојата кариера. И се надевам дека во Динамо ќе имам такви моменти. Секако не е убав пример сега кога ми ги извлекоа тие текстови. Можеби тоа беше голема страст и еуфорија, не само за мене, туку за цела Ријека. Реков, се надевам дека ќе имам такви моменти во Динамо“, рече Ристовски.

Тој признава дека добил неколку навреди од навивачите на Ријека.
„Добив неколку навреди, но никогаш нема да кажам лошо за тој клуб. Јас сум професионалец, и каде и да играм, така се однесувам. Кој ме навредувал или кому му смета, тоа не ме интересира“, додаде десниот бек.