Металург вечерва (20:45 часот) му гостува на Фиверс во меч од 9. коло во Европската лига. Првата средба во Скопје заврши без победник (33-33), но за разлика од тогаш, сега тимот од Автокоманда ќе биде некомплетен, ќе ги нема Хорват, Тодевски, Лазаревски и Маркоски.

Марко Тарабокија, кој се врати во составот по коронавирусот, потенцира дека не е лесно да се водат битки во една ваква ситуација, дел од играчите за првпат мораат да играат и во напад и во одбрана. Но, со повеќе желба и борбеност може да се дојде до добар резулатат.

„Во принцип знаеме ќе биде тешко. Видовме како беше во Скопје, одигравме нерешено, а тогаш бевме и комплетни. Не бевме комплетни многу време. Што корона, репрезентација, па некои позитивни некои не, едвај да одработевме неколку тренинзи комплетни.

Но, еве покажавме против Ч. Медведи дека со повеќе волја и желба и борбеност дека можеме да се носиме со сите. Многу играчи, јас меѓу нив се најдовме во ситуација да играме и напад и одбрана, што можеби никогаш и не сме го играле. Но, за сите особено за младите ова е големо искуство. А натпреварот ќе покаже што ќе биде. Јас сум супер, излегов од изолација, се договорив со тренерот ако не се чувствувам добро да излезам, но засега е се добро. Јас и додека бев во изолација се обидов да тренирам, сам, така што засега е добро“, вели Тарабокија.