Динамо Загреб за кого играат двајца наши репрезентативци Аријан Адеми и Стефан Ристовски се пласираа во осминафиналето на Лига Европа откако и славеа и на вториот дуел со руски Краснодар. Пред седум дена беше 3:2, сега 1:0 со голот на Оршиќ за пласман во наредната рунда. Двајцата наши интернационалци одиграа цел меч.

Славија Прага му приреди пекол на Лестер и тоа на „Кинг пауер“ стадионот. Чешката екипа славеше со 2:0 со головите на  Провод и Сима во второто полувреме. Со оглед на тоа дека првиот меч заврши 0:0 прашкиот тим оди во осминафиналето.

Јанг Бојс отиде во Леверкузен со предност од 3:2 на првиот меч, па му требаше чудо да го издржи пеколот на „Бај арена“. Но излезе дека и не било толку страшно на ова гостување. „Младите момци“ од Берн славеа со 2:0 и се пласираа во осминафиналето.

Осминафиналисти се уште Рома која ја исфрли Брага (вечерва беше 3:1, а во Португалија 2:0), Манчестер Јунајтед кој одигра без голови со Сосиедад (првиот меч заврши со 4:0 за Англичаните) како и Олимпијакос кој иако загуби од ПСВ со 2:1 благодарение на победата од првиот меч со 4:2 отиде во следната рунда.

И Динамо Киев отиде меѓу 16-те најдобри затоа што го победи Бриж во гости со 1:0. Првиот меч во Киев заврши 1:1.