Во недела во рамките на 20.коло од ПМФЛ, во Тетово се среќаваат Шкендија и Вардар. Тоа ќе биде нивни 62 официјален натпревар. Некогаш овие дуели меѓу Шкендија и Вардар беа дерби, беа мега – дерби, и тоа во периодот од 2014 па до 2019 кога и дефинитивно почна падот на нашиот најтрофеен клуб. Некогаш овие мечеви под Шара го полнеа стадионот, имаше и по 15.000 гледачи, во Скопје посетеноста беше и до 5.000. Сега веќе не е така. Сега не само што нема да има гледачи, поради коронавирусот, сега овој натпревар не е ни дерби. Шкендија е апсолутен фаворит, и се освен сигурна победа на лидерот на табелата во ПМФЛ, се останато ќе биде рамно на осмо светско чудо. Знаеме зошто ова е така, и тоа само поради вардарци кои оваа пролет ќе се борат за гол прволигашки живот.

Кога сме кај бројките, кај традицијата, во случај на победа на Шкендија, оваа екипа ќе биде првата во историјата на фудбалот во самостојна Македонија која ќе има позитивен скор против Вардар. Имено и двете екипи досега имаат по 23 победи а 15 меча завршиле без победник.

Интересно, Вардар веќе 3,5 години не знае што е победа над Шкендија. Последен пат тоа се случи на 14.10.2017 во Скопје кога вардарци славеа со 4:2. Од тогаш па наваму се одиграле 13 меча, Шкендија има 6 победи, Вардар ниту една, а 7 меча завршиле без победник, гол разликата е 72:84 за Вардар.

И на крај, можеби требаше како прво. Највисоката победа Вардар над Шкендија ја има на 12.03.2013 во Скопје кога беше 6:1. Знаете ли кој тогаш седеше на клупата на вардарци?

Тогаш тренер беше Никола Илиевски – Џиџи, човекот кој од пред дваесетина дена одново е шеф на струката на нашиот најтрофеен клуб.