Фламенго во последното коло од бразилската Серија А влезе со предност од два бода во однос на Интернационал. „Црвено-црните“ загубија на „Мурумби“ од Сао Пауло (1:2), меѓутоа имаа среќа поточно треба да им се заблагодарат на колегите од Коринтијанс кои ја сочуваа мрежата во Порто Алегре против Интернационал (0:0).

На тој меч во Порто Алегре фудбалерите на Интернационал пропуштија огромна шанса за победа и да се вратат на првото место. Ја погодија пречката, противничкиот голман Касио бранеше како да има „сто“ раце, а и ВАР им поништи и пенал и голови (во првото полувреме и во 97 минута поради офсајд).

Па така трофејот замина кај момците на Рожерио Сени кој успеа да го направи она што се чинеше невозможно. По слабите резултати тимот беше на третото место, Сени беше пред отказ, меѓутоа во финишот се крена и блесна кога беше најпотребно. Победата над Интернационал претходното коло му даде крилја и сега стигна до тронот.

За Фламенго ова е осма шампионска титула во Серија А.