Шалке не престанува со разочарувањата оваа сезона, и идната сезона многу веројатно се сели во „Цвајте“. Денеска тимот беше демолиран од Штутгарт 5:1, претходно од Дортмунд 0:4, и така во два меча примија девет голови.

„Билд“ открива дека позадината на ваквите лоши резултати на Шалке е тоа што играчите не го сакаат Кристијан Грос за тренер. Швајцарецот беше ангажиран за да го спаси тимот, дојде до првата победа, но повторно бродот почна да тоне надолу, а Шалке речиси и да нема шанси за опстанок.

За да се обиде да спаси што може да се спасува, челниците на Шалке наводно за утре закажале итен состанок, на кој ќе се одлучува иднината на Кристијан Грос. Веројатно тој ќе биде сменет.

Шалке со тоа ќе го добие петтиот тренер сезонава. Истата ја почна Давид Вагнер кој во септември доби отказ. Потоа екипата ја превзеде Мануел Баум кој беше тренер до 18. декември, а потоа се врати искусниот Хуб Стевенс. Тој се задржа кратко, па 12 дена подоцна Шалке го назначи Грос кој по само два месеци веројатно ќе мора да се збогува со екипата.