Дебаклот од Штутгарт (5:1) толкму многу ги налути челниците на Шалке 04 кои одлучија да направат ригорозен потег, да им врачат откази на спортскиот директор Јохан Шнајдер, тим-менаџерот Саша Ритер, тренерот Кристијан Грос и фитнес тренерот Вернер Лотард.

Ова е уште еден очајнички потег на првите луѓе за да го спасат тимот од преселба во понизок ранг. Моментално Шалке е закован за последното место на табелата со микронски шанси да излезе од оваа ситуација.

Шалке има само девет бода по 23 кола, а местото кое води во опстанок моментално е оддалечено 9 бода. Оние погорните засега се недостижни (11, 13 бода…).

Оваа сезона Шалке четири пати менуваше тренер. На крајот на септември беше отпуштен Давид Вагнер, неговиот заменик Мануел Баум издржа до декември. Потоа беше донесен искусниот Хуб Стевенс кој се задржа нецели пет дена, а на негово место дојде Кристијан Грос кој денеска доби отказ откако запиша само една победа и три ремија во 10 натпревари.

Според информации на „Спорт1“, техничкиот директор Петер Кнобел ќе седне на местото на Шнајдер, а се уште не е јасно кој ќе го води тимот до крајот на сезоната.