Македонската фудбалска репрезентација месецов ги започнува следните квалификациски предизвици, оние мундијалските за Катар. Како што впрочем веќе му е познато на целиот свет, мечевите кои се под капата на УЕФА во голема мера се диктирани од ковид правилата на поедини земји, па самите квалификации нема да се исклучок од тоа.

Спортмедиа дознава дека нашата репрезентација која треба да го одигра мечот против Германија, главниот фаворит во нашата група, нема да гостува во Дуизбург како што првично беше планирано, туку „Панцирите“ ќе не пречекаат во Букурешт. Мечот е закажан за 31 март, а нема најави дека строгите ковид правила во Германија дотогаш ќе се променат.

За таму е потребно карантин, вакцинација, а нормално тоа во моментов не е изводливо. Германските екипи кои се дел од европските купови веќе ги играат мечевите на неутрален терен, Италија, Романија, и тоа е пракса која во моментов функционира.  Што значи дека и ние многу веројатно ќе заминеме наместо во Германија, во Романија.

Конкретно, на нивниот национален стадион каде што периодов ќе се одомаќиниме што се вели. На тој ист објект наместо во Плоешти каде што беше првично планирано ќе се игра и мечот Романија  – Македонија од мундијалските квалификации, кој пак е закажан за 25 март, додека пак во терминот помеѓу Романија и Германија,  поточно на 28 март на домашен терен го пречекуваме Лихтенштајн.

Предигра за мечевите на Европското првенство

Конечно, на тој исти стадион, на националната арена во Букурешт, ги играме и двата меча од групната фаза на Европското првенство, токму против Австрија односно Украина, што значи во серија ќе одиграме дури четири мечеви на истиот стадион во радиус од четири месеци.