Екипата на Работнички викендов ја продолжува серијата на мечеви на кои планира да освојува бодови. Во трите стартни кола од пролетниот дел од домашниот шампионат, тимот од Дебар Маало нема пораз, и така се планира и да се остане. Триумф во Струмица против Академија Пандев, па две ремија против Силекс односно Шкендија. Сега на ред е дуел против Шкупи.

„Мислам дека заслуживме и повеќе од бод против Шкендија. Бевме агресивни, одигравме напаѓачки, Шкендија не беше подобра во ниеден сегмент од фудбалската игра. И тоа ни дава мотив дека можеме да одиграме така квалитетно, би сакал да биде и за нијанса подобро, и на неделниот натпревар против Шкупи. Јасно е, ни недостига единствено реализацијата за да оствариме триумф и против најдобрите. Се надевам дека тоа ќе се случи веќе на неделниот меч против тимот од Чаир“, вели Лука Станковски.