Баерн Минхен ја совлада Борусија Дортмунд со 4:2 во „Дер Класикер“ во рамките на 24. коло на Бундес лигата. 104 дерби меѓу Баерн и Борусија во бундеслигашката ера го одбележаа Роберт Левандовски и Ерлинг Халанд.

Норвешкиот напаѓач со голови во 2 и 9 минута донесе предност на Борусија од 0:2 на „Алијанц арената“, но од 26 па до крајот на првото полувреме возврати Роберт Левандовски изедначувајќи го резултатот. Во второто полувреме мрежите мируваа се до 88 минута кога погоди Горецка за 3:2, а веднаш по него мрежата ја затресе и Левандовски за конечни 4:2 и за свој хет-трик против поранешниот клуб.

Инаку Баерн беше многу подобар од ривалот со повеќе шутеви на гол и речиси двојно поголем посед на топка. Борусија одигра лошо, двата гола ги постигна по два шута, а потоа немаше шанси да го пробие големиот ривал. Момците на Ханси Флик притискаа и тоа им се исплатеше во финишот кога ги прокнижија трите бода.

По 24 кола Баерн е прв на табелата со 55 бода, два повеќе од вториот РБ Лајпциг. Борусија е на позиција број 6.